X
 01.03.2020 Живот

Колку ќе ве чини пат околу светот?

Патот околу светот е сон на многумина, но мал број луѓе успеваат да го реализираат поради повеќе причини. Најважен дел се финансиите, па затоа кога се планира пат околу светот, потребно е да се има буџет и тој да се почитува. Но, колкав треба да биде тој буџет?

Конрад Валижевски, основач и извршен директор на апликацијата за патување „Травелскаут“, открива колку пари трошат патниците за пат околу светот. На една страна има луѓе што живеат со 50 долари дневно, вклучувајќи ги сите трошоци. Просекот изнесува 2.500 долари месечно во сиромашните земји, 3.500 долари во средно скапите земји и 5.000 долари месечно во скапите градови.

Ова звучи многу, но овие патници најчесто не плаќаат за кирија и ги немаат трошоците за живот што би ги имале кога би останале дома. Доколку може да работите на далечина, тогаш можеби е поисплатливо да работите додека патувате низ светот отколку да живеете во некој голем град.


Фото: Pixabay

Откако ќе одлучите колку сакате да потрошите на патувањето, треба да одлучите каде сакате да одите и како да стигнете таму. Има позитивни и негативни страни на резервирањето на сите летови однапред. Можеби треба да размислите за купување авионски билет за пат околу светот, но тоа ќе ја елиминира спонтаноста на патувањето.

- За патниците со одреден буџет, патот околу светот е изводлив ако стратегиски размислувате за резервирањето на летот, но и ако сте флексибилни за времето во кое сакате да патувате - вели Хулијано Лопез, одговорен за истражување и анализа во „Скајскенер“.

Денес е лесно да се најдат достапни прекуатлантски летови кога не е сезона на одмори.

Просечно се трошат од 20 до 30 илјади долари

Според „Ертрекс“, сервис за планирање патувања, патниците што одат на пат околу светот просечно трошат од 20.000 до 30.000 долари. За да заштедите, може да барате сместување кај пријатели, да спиете во хостели или да кампувате.

Постојат и платформи што ги гледаме во филмовите, како „Хоум ексџејнџ“, позната од филмот „Одморот“, на кои може да се зачлените за 150 долари годишно. Со тоа корисниците добиваат неограничено менување на домови. На платформата има над 400.000 домови во 187 земји и можно е да се патува низ светот преку оваа платформа.


Фото: Pixabay

Патувањето може да биде уште подостапно доколку сте студент или младо лице под 27 години бидејќи има попусти за патување за овие лица.

За патници со поголем буџет

За оние што имаат поголем буџет за патување, патот околу светот би чинел од 30.000 до 35.000 долари. Сузи Чау, советник за патување, била на пат околу светот од август 2013 до август 2014 заедно со сопругот. Тие ги посетиле сите седум континенти, 23 земји и 22 американски града, што ги чинело околу 45.000 долари. Кога работи со клиенти, таа ги советува да создаваат дневни буџети за полесно да ги менаџираат парите.

За патници што сакаат луксуз

За оние што бараат луксуз, само небото е граница. Има авионски летови што чинат над 5.000 долари, а ноќевање во хотел може да ве чини и 1.000 долари. Доколку сакате да потрошите многу на патувањето околу светот, крстосувањата се одлично решение. Крстосување со „Реџент експлорер“ чини над 47.000 долари за лице и вклучува над 200 екскурзии. Со него се патува 76 дена, од Барселона до Нов Зеланд.

Доколку барате подолго патување, едно крстосување низ светот чини 92.900 долари и трае 245 дена. Патувањето почнува и завршува во Лондон, а вклучува посета на шест континенти и 111 града и пристаништа. Постојат и организирани патувања со авион кои чинат од 60.000 до 150.000 долари за лице, за 30-90 дена.

Треба да го најдете и совршеното патничко осигурување и да проверите дали пасошот ви е валиден во сите земји, дали ви е потребна виза. Секако, постојат работи што нема да може да се контролираат, па треба да се биде подготвен за секакви проблеми. Треба и да се заштитите од потенцијални напади од хакери, а во некои земји ќе ви биде потребен и ВПН.

Автор: Меделин Вал
Извор: Rd.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот