X
 18.12.2025 Живот

На патник по грешка му понудиле отштета од 11.500 евра зашто возот доцнел 18 минути

Британската железничка компанија „Аванти вест коуст“ на патникот Џон Варинг по грешка му понудила над 10.000 фунти (околу 11.500 евра) како надомест бидејќи неговиот воз на релација Престон - Лондон на 1 декември доцнел 18 минути.

Варинг, согласно правилата на системот „Дилеј пеј“, поднел барање за обесштетување и очекувал поврат од 10,10 фунти, што претставува осмина од цената на повратната карта од 80,85 фунти за доцнење од 15 до 29 минути. Меѓутоа, три дена подоцна добил автоматски генерирана електронска порака во која било наведено дека компензацијата би можела да изнесува дури 10.106,25 фунти.

Подоцна било утврдено дека патникот при пополнување на онлајн формуларот по грешка ја внел цената на картата како 80.850 фунти наместо реалната вредност. Софтверот, врз основа на таа бројка, автоматски пресметал погрешен износ на надомест.

Од „Аванти вест коуст“ соопштија дека барањето ќе биде рачно проверено и дека на патникот ќе му биде исплатен износот што навистина му следува.

Варинг, кој сѐ уште не ја добил компензацијата, изјавил дека ќе ја извести компанијата доколку навистина биде уплатена сумата од 10.000 фунти. Тој додал дека досегашното искуство со системот „Дилеј пеј“ било позитивно и дека доцнењата ретко биле директна одговорност на компанијата.

Исто така, навел дека неговите последни две патувања со воз во Узбекистан, од Ташкент до Самарканд и понатаму кон Бухара, биле целосно точни, но дека таму системот за рефундација функционира поинаку - патниците имаат право на поврат само ако се откажат од патувањето, додека надомест не се исплаќа доколку патникот е „во пијана состојба“.

Извор: Nezavisne.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот