X
 01.03.2020 Наука

Научници открија протеин на метеорит

Првпат научници најдоа целосен протеински молекул на метеорит и се прилично сигурни дека не е од Земјата.

По анализа на примероци од метеоритот Акфер 086, истражувачи од Универзитетот „Харвард“ и биотехнолошките компании „ПЛЕКС корпорешјн“ и „Брукер сајентифик“ утврдиле дека состојките на протеинот хемиски се разликувале од протеинот на Земјата. Тие истакнаа дека ова е прво известување за протеин од некој вонземен извор.

Протеинот е органски молекул создаден од аминокиселини и е извор на енергија, но и составен дел од поголемиот дел од машинеријата во биолошките клетки. Научниците прво нашле аминокиселини - или барем молекули слични на аминокиселини - во вселената пред неколку години и се појавиле и други молекули важни за биолошкиот живот.

Истражувачите велат дека оттогаш се забележани и синџири на аминокиселини, но ниеден не бил голем или доволно организиран за да се смета за целосен протеин.

Трудот, кој сѐ уште треба да ја помине академската рецензија или да биде објавен во научно списание, ја поткрепува хипотезата дека влијанијата од метеоритите можеби придонеле за развојот на животот на Земјата. Можно е некои од молекулите или соединенијата потребни за да се појави и развие живот да биле пренесени преку „бомбардирање“ од вселенски карпи.

Но, ова не е потврда дека таму надвор има живот. Во истражувањето не е наведено од каде доаѓа овој вонземен протеин или како се формирал - научниците се сигурни само дека не е оттука.

Извор: Futurism
Насловна фотографија: Futurism
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука