X
 01.06.2018 Живот

Објавена листата со највредните светски брендови, Кинезите се поуспешни

Објавена е најновата листа со највредни светски брендови и на неа првпат се најдоа две кинески компании.

Компанијата „Алибаба“ влезе во десетте највредни брендови и ѝ се придружи на кинеската технолошка компанија „Тенсент“.

На деветтото место се наоѓа „Алибаба“, основана од Џек Ма, а чија вредност е речиси дуплирана во споредба со претходната година и сега изнесува 113 милијарди долари, откако компанијата ја прошири работата и во клауд-компјутерството и плаќањето со мобилен телефон.

„Тенсент“ се наоѓа на петтото место со вредност од 179 милијарди долари, а во првите десет влезе минатата година. Сега е пред „Фејсбук“. Оваа компанија е специјализирана за онлајн-игри, апликации и сервиси за инстант-пораки и онлајн-плаќање.

Сепак, на врвот сѐ уште е „Гугл“, кој вреди 302 милијарди долари.

Според Дорин Венг, шеф на „БрандЗ“, која се занимава со рангирање на брендовите, кинеските компании минале преку огромни препреки, специфични за Кина, за да се вклучат во друштвото на големите моќници како „Гугл“ и „Епл“.

Фото: BizLife

- Предизвиците со кои се соочуваат кинеските брендови воопшто не се мали. Ограничената свест за овие брендови на меѓународниот пазар, недостигот од доверба поради историските проблеми со квалитетот и тоа што кинеските брендови не сакаат да вложуваат во влијателни глобални рекламни кампањи ги стави во неповолна позиција во однос на конкуренцијата - истакна таа.

Меѓутоа, напредокот на Кина и разбирањето на младите потрошувачи создадоа нови шанси за паметните претприемачи, оценува Венг.

- Ставовите се менуваат, особено меѓу младите потрошувачи кои сѐ повеќе се заљубуваат во кинески брендови. Додека продирањето на американскиот пазар сѐ уште е во почетна фаза за двата бренда, другите региони ги дочекаа со отворени раце - истакна Венг.

Ова се најдобрите десет:

1. „Гугл“

2. „Епл“

3. „Амазон“

4. „Мајкрософт“

5. „Тенсент“

6. „Фејсбук“

7. „Виза“

8. „Мекдоналдс“

9. „Алибаба“

10. „АТ&T“
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот