X
 01.06.2018 Живот

Трогателно писмо на една мајка: Драги татковци, фотографирајте ја почесто мајката на вашите деца

Кога сфатила колку малку заеднички фотографии има со своите деца, Синди Гејтвуд напишала отворено писмо до сите татковци на светот. Таа ги замолува тие што е можно повеќе да ги фотографираат мајките на своите деца. Молбата има многу подлабоко значење отколку што изгледа на прв поглед.

Прочитајте го писмото на Синди.

Драги татковци,

Знам дека токму во овој момент го држите телефонот в раце. Веројатно речиси секогаш ви е в раце или в џеб. На сите ни е. Направете ѝ услуга и фотографирајте ја почесто.

И не, не мислам на смешните фотографии што сега ги видовте на „Инстаграм“. Зборувам за фотографии од неа. Мајката на вашите деца. Љубовта на вашиот живот. Онаа која прави се, која работи толку напорно за вашата фамилија секогаш да биде добро.

Фотографирајте ја почесто.

Пред неколку дена ги гледав фотографиите на мојот телефон и сфатив дека имам еден тон фотографии на кои мојот сопруг си игра со децата, но само неколку на кои јас сум со нив. И тоа е целосно моја вина. Јас сум секогаш зад камерата или никогаш не сакам да ме фотографираат. Никогаш не сум задоволна од својот изглед, секогаш ми недостига малку шминка или не е добар аголот бидејќи имам синдром на социјални мрежи. Секогаш размислувам дека тоа ќе биде објавено и дека некој ќе го види.

Но, не мора да биде така. Потребни ни се фамилијарни фотографии кои ме вклучуваат и мене. Ги сакам оние на кои се само децата, секако дека ги сакам и оние на кои мојот сопруг е со нив, но многу е важно на нив да бидам и јас.

Затоа татковци, ако имате сопруга како мене, некоја вечер кога таа лежи и им чита книга на децата, извадете го телефонот и обележете го тој момент.

Без најава.

Без позирање.

Само направете ја фотографијата.

Кога е во кујната и разговара со вашиот син за тоа како тој го поминал денот, направете фотографија.

Ако е на подот со децата или им помага да ја напишат домашната, фотографирајте ја.

Времето минува со ненормална брзина и тие слатки бебиња ќе бидат сѐ постари и постари. Пред да станеме свесни, ќе се спакуваат и ќе заминат на факултет.

Фотографирајте.

Еден ден и таа ќе замине и на децата ќе им останат само спомените.

Фотографирајте.

Фотографирајте за да ја видат сета љубов што секогаш им ја давала. Фотографирајте за секогаш да паметите колку била будалеста. Фотографирајте за да можат секогаш да видат колку била убава. Нема врска дали е во пижами или ѝ е мрсна косата, ве молам, фотографирајте.

Мојата мајка почина кога имав 20 години. Сѐ што имам се фотографиите. Често ги гледам, гледам како ме држи во прегратка и се смее. Со очите ја голтам фотографијата и зумирам за да видам дали ги имам истите раце како нејзините.

Таквите нешта не можете да ги видите на селфи.

Ве молам, фотографирајте.

Знам дека не мислите секогаш на тоа, но кога ќе ви падне на памет, не размислувајте за околностите, само фотографирајте. Вашите деца и вашата сопруга ќе ви бидат благодарни.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот