X
 01.06.2020 Образование

НАкС поднесе претставка до Просветниот инспекторат за изборите на УКИМ

Независниот академски синдикат (НАкС) денеска поднесе претставка до Државниот просветен инспекторат со образложение дека актуелниот ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, го прекршил Статутот на УКИМ кога распишал избори за Сенат.

- Се работи за избор на новите членови на Сенатот на УКИМ - највисокиот орган на одлучување на Универзитетот. На 22 мај е испратен допис до единиците на Универзитетот со насоки да се изберат нови сенатори, најдоцна до 8 јуни. Со ова е прекршен членот 155 од Статутот на УКИМ во кој е децидно наведено дека постапката за избор на сенатори треба да отпочне најмалку 60 дена пред истекот на мандатот на постојниот состав. Загрижува фактот што на некои единици на УКИМ професорите и студентите, од страна на нивните декани и директори, сè уште не се ни известени дека треба да изберат нови сенатори во овој краток рок. Рокот од најмалку 60 дена за отпочнување постапка за избор на сенатори е воспоставен за да им се даде простор на членовите на наставно-научните и научните совети низ сериозна и аргументирана дебата да направат најквалитетен можен избор меѓу кандидатите за вршење на сенаторската функција, односно своите претставници во Сенатот на УКИМ - велат од НАкС.

Според синдикатот, со отпочнувањето на постапката минатата недела, наложувајќи им на единиците да изберат сенатори најдоцна до 8 јуни, покрај тоа што е прекршен Статутот на УКИМ, скратено е и правото на кандидатите за сенатори да се претстават пред своите колеги. На професорите и на студентите им е скратена можноста во разумен рок да одлучат кои се нивните колеги што во идниот состав на Сенатот ќе работат во најдобар интерес на единицата, но и на целиот Универзитет.

Проф. д-р Елена Џукеска, в.д. претседателка на НАкС / Фото: Борче Поповски

- Нема логично образложение зошто постапката за избор на сенатори не е отпочната најдоцна на 27 април (односно 60 дена пред истекот на мандатот на постојниот Сенат), во согласност со Статутот на УКИМ. Дотолку повеќе што со Уредбата на Владата се продолжува мандатот на телата и органите на универзитетите за кои не е извршен избор за времетраење на вонредната состојба, а постапката за избор на нов состав треба да отпочне по завршувањето на вонредната состојба. Оваа уредба е донесена за да се заштити здравјето на академската заедница, но и да се задржат основните начела кои обезбедуваат разумни услови и рокови за избор на членовите на органите и телата на универзитетите. Го повикуваме ректорот на УКИМ, проф.д-р Никола Јанкуловски, веднаш да ја поништи отпочнатата постапка за избор на сенатори и да поведе нова постапка, почитувајќи го минималниот рок од 60 дена за одржување на изборите. Дотогаш, согласно Уредбата на Владата, мандатот на Сенатот може да биде продолжен - велат од НАкС.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование