Достигнувањето на Алан Тјуринг и неговиот тим, разоткривањето на шифрата на нацистичката машина „енигма“, денес би било едноставна задача за модерната технологија, велат експертите.
Шифрата на „енигма“ во Втората светска војна беше исклучително сложена, а нејзиното дешифрирање претставуваше огромна задача. Но денес, благодарение на напредокот на компјутерите и вештачката интелигенција, таа би била дешифрирана за миг.
Иако полските криптографи во 30-тите години успеале да дешифрираат ранa верзија на кодот и развиле антиенигма-уреди, нацистичките безбедносни подобрувања барале нов пристап. Тјуринг развил нов тип машини, наречени „бомби“, кои во 1943 година веќе успевале да дешифрираат по две пораки во минута. Тоа ја скратило војната за најмалку две години и инспирирало многу филмски адаптации.
Но, според професорот Мајкл Вулдриџ од Универзитетот во Оксфорд, денешната компјутерска моќ и статистичките методи лесно би се справиле со шифрата.
- „Енигма“ не би имала никакви шанси против современата компјутерска технологија - вели тој. Машината користела три ротори со по 26 позиции, рефлектор и разводна плоча за менување парови букви. Комбинациите биле астрономски многубројни, а пораките се шифрирале на начин што дури и исто притиснато копче двапати давало различна буква.
Вулдриџ објаснува дека „бомбите“ биле примитивни механички компјутери што пребарувале милиони можни комбинации за да ги декодираат пораките. Клучниот момент бил што „енигма“ имала свои слабости. На пример, ниедна буква не се кодирала самата како себе, што Тјуринг го искористил.
- Тоа беше напад со методот на „груба сила“, односно испробување различни комбинации. Но, благодарение на слабостите на „енигма“, успеаја. Успеаја да го автоматизираат процесот за да можат доволно брзо да го дешифрираат кодот - вели професорот Мустафа А. Мустафа од Универзитетот во Манчестер.
Денес, вештачката интелигенција, вклучително и „Чет-ГПТ“, може лесно да ја реплицира логиката на „бомбите“ во софтверска форма. Со брзината на модерните компјутери, тоа што порано барало часови, денес би се решило за неколку секунди.
Истражувачи веќе користеле вештачка интелигенција тренирана на германски јазик преку бајките на браќата Грим и 2.000 виртуелни сервери за да дешифрираат порака за само 13 минути, користејќи поедноставен пристап.
Сепак, не сите шифри се толку лесни. Шемата „Ривест-Шамир-Адлеман“, развиена во 1977 година и заснована на разложување на огромни прости броеви, сè уште е сериозен предизвик за денешните компјутери. Според Вулдриџ, дури и техниките на груба сила нема да функционираат овде, но потенцира дека идниот развој, особено квантната технологија, може да го смени тоа.
Иако денешната технологија лесно би ја дешифрирала „енигма“, Мустафа потенцира дека нејзиното разоткривање во тоа време било неверојатно достигнување.
- Им требаше повеќе од една година да ја дешифрираат и успеаја да го сторат тоа додека траеше војната. Тоа беше пресудно. Којзнае што ќе се случеше ако не успеевме навреме - вели Мустафа.
Извор:
Rts.rs
Фото:
Wikipedia