X
 01.08.2023 Живот

Меџити: Испразнетите работни места во здравство ќе се надополнуваат без согласност од Министерството за финансии

Испразнетите работни места во здравство ќе се надополнуваат без согласност од Министерството за финансии, најави министерот за здравство Фатмир Меџити на денешната прес-конференција.

- Не ми беше јасно зошто секогаш треба согласност од Министерството за финансии за вработувања во здравство. Некој ќе се пензионира, друг ќе си оди од државата или ќе се префрли во друга клиника, зошто по автоматизам не можат да се надополнуваат тие места? Ние одлучивме, а имаше и разбирање од министерот за финансии, Министерството за финансии веќе да не одлучува за вакви случаи. Самите институции да имаат законска одговорност и Министерството за здравство да потврди без да бараме согласност во Финансии. Ако има резервирано таков буџет во сите здравствени клиники, тогаш нема потреба да се побара од Финансии - појасни Меџити.

Ги скратуваме овие процедурални, административни маки, нагласи тој.

- Ни одземаат многу време и не ни се корисни. Барам тоа што треба во здравството да биде подобро и порелаксирано и да ги поедноставиме овие процедури, подвлече министерот.

На новинарско прашање за проблемите за кои се укажува во однос на тоа дека во една јавна здравствена установа нема термин за операција наутро, но во истата здравствена институција, доколку пациентот плати приватно, може да се направи операција, министерот рече да се пријави за која клиника станува збор, а тој веднаш ќе прати инспекција.
Тој рече дека сите може да згрешиме, но оти треба да се трудиме грешките да бидат минимални. Целта на Министерството, како што нагласи, е да ги минимизира пропустите.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот