X
 01.08.2025 Живот

Што значат виолетовото и кафеавото знаме на плажа и зошто не треба да ги игнорирате?

Непочитувањето на предупредувањата и игнорирањето на црвеното знаме што е поставено на плажите секоја година придонесуваат за смрт на некои луѓе.

Знамињата на плажите не се поставени случајно. Секоја боја има свое значење и предупредување. Во продолжение следува водич низ палетата на бои што може да ги затекнете на плажа, со објаснување што значи секое од нив.

Сино знаме - чистота и еколошки стандарди


Синото знаме е меѓународно признат симбол за чистота, безбедност и квалитет, и означува дека плажата редовно се контролира и ги исполнува строгите критериуми. Го доделува меѓународната организација „Фондација за еколошко образование“ (англ. Foundation for Environmental Education) и служи како ознака дека плажата ги исполнува високите еколошки и безбедносни стандарди.

Зелено знаме - безбедни услови за капење

Зеленото знаме значи дека условите се идеални за капење. Водата е мирна, без опасни струи и бранови. Сепак, се препорачува претпазливост, особено ако не сте искусен пливач.

Жолто знаме - умерен ризик

Се поставува кога временските услови не се најповолни за капење: повисоки бранови, слаби морски струи, засилен ветер, намалена видливост.

Препораки:

Искусните пливачи да бидат внимателни и да останат блиску до брегот;
Децата и невештите пливачи да избегнуваат влегување во вода;
Да се слушаат советите на спасувачите, доколку ги има.


Портокалово знаме - Опасност од ветер

Ова знаме означува умерена опасност од ветер што дува кон отворено море. Во такви услови лесно може да се однесат душеци и други помагала. Употребата на гумени реквизити е забранета.

Црвено знаме - висока опасност

Црвеното знаме покажува дека влегувањето во вода е забрането. Причини може да бидат високи бранови, силни морски струи или најавено невреме. Дури и ако морето изгледа мирно, не игнорирајте го предупредувањето затоа што струите може да се невидливи, но опасни.

Две црвени знамиња - строго забрането капење

Највисоко ниво на опасност. Капењето е строго забрането поради екстремни услови: силни струи, силен ветер, слаба видливост, загадена вода. Во многу земји влегувањето во вода во вакви услови е казниво.

Виолетово знаме - опасни морски животни

Виолетовото знаме предупредува за присуство на опасни морски суштества: медузи, морски ежови, а во ретки случаи и ајкули. Капењето не се препорачува додека знамето не биде отстрането.

Кафеаво знаме - загадена вода


Ова знаме означува присуство на загадување кое може да биде предизвикано од: обилни врнежи, истекување на канализација, алги, хемиски или биолошки загадувачи. Капењето во вакви услови може да претставува ризик за здравјето.

Црно-бело знаме - зона за водени спортови

Знамето со црно-бели „коцки“ означува простор резервиран за активности како сурфање, возење скутер, едрење и слично. Капењето во оваа зона не е дозволено.

Црно знаме - затворена плажа

Црното знаме означува дека плажата е затворена за капење поради загадување, невреме, несреќа или други вонредни околности.

Жолто знаме со црна точка - забрана за реквизити

Забрана за употреба на душеци, гумени реквизити и супови. Се поставува кога:

- има многу капачи (поради ризик од судар);
- непогодни временски услови така што постои ризик водата да ги однесе реквизитите од брегот.

Црвено-жолто знаме - зона под надзор на спасувачи

Знаме што е вертикално поделено на црвено и жолто означува безбедна зона за капење под надзор на спасувачи. Обично се поставуваат две такви знамињ, и најбезбедно е да се капете помеѓу нив.

Извор: Rtcg.me
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот