На 2 февруари 2026, во „Еко хабот“ на Факултетот за биотехнички науки - Битола, единица на Универзитетот „Св. Климент Охридски” - Битола, се одбележа Светскиот ден на блатата (World Wetlands Day), проектната активност во рамките на Еразмус + проектот „Природата на водната средина: Вклучување и подгинување на свеста во различни општества“ (НИДА).
Едукативната обука по повод овој значаен ден имаше за цел интердисциплинарен и транснационален пристап кон прашањата поврзани со климатските промени, еколошката деградација и заштитата на водните екосистеми. Преку теоретска и интерактивна едукативна работилница, учесниците се запознаа со значењето и улогата на блатните екосистеми, биодиверзитетот и водната флора и фауна, влијанието на климатските промени врз водните средини и значењето на одржливото управување и заштитата на природата.
Работилницата беше реализирана со современ едукативен пристап, со акцент на практично знаење, критичко размислување и активно учество на учесниците, што целосно кореспондира со целите на проектот.
Настанот беше подготвен и реализиран од страна на проектниот тим: проф. д-р Дијана Блажековиќ - Димовска (локален координатор), Проф. д-р Весна Карапетковска - Христова и Проф. д-р Билјана Трајковска.
Светскиот ден на блатата има исклучително значење за природата и опстанокот на човекот, бидејќи блатата или влажните подрачја се лулка на биодиверзитетот, едни од најпродуктивните екосистеми од кои зависи животот на безброј растителни и животински видови.
Почнувајќи од 2 февруари 1997 година, секоја година на истиот датум, но со различна тематска содржина, овој ден се одбележува во многу земји во светот, кои се договорни страни или потписнички на Конвенцијата за блата (Рамскарската Конвенција), усвоена во 1971 година, во иранскиот град Рамсар.
Конвенцијата за блата (Convention on Wetlands / Ramsar Convention) е меѓувладин договор што обезбедува рамка за зачувување и мудро користење на блатата (влажните подрачја) и нивните ресурси. Нејзина основна улога е да се развие и одржува меѓународна мрежа на блата (влажни ресурси) кои се важни за зачувување на глобалната биолошка разновидност, како и за одржување на човечкиот живот преку одржување на нивните компоненти, процеси и придобивки/услуги на екосистемот“.
Рамсарскa локација (Ramsar Site) е секоја блатна локација која според Рамсарската конвенција е означена како локација од меѓународно значење и истата се назначува на Рамсарската листа. Конвенцијата утврдува дека „блатата треба да бидат избрани на Листата поради нивното меѓународно значење во однос на екологијата, ботаниката, зоологијата, лимнологијата или хидрологијата“. Денес, Рамсарската листа е најголемата мрежа на заштитени подрачја во светот. Блатата вклучени во Листата добиваат нов статус на национално ниво и се признати од меѓународната заедница како влажни подрачја од значајна вредност не само за земјата или земјите во кои се наоѓаат, туку и за човештвото како целина. На Рамсарската листа, од Македонија се вклучени Преспанското езеро (1995 година ), Дојранското езеро (2007 година) и Охридското езеро (2021 година).
(Комерцијална објава)