Во најновата кампања на шведската ИКЕА цените станаа раскажувачи. Наместо да ги прикажува своите софи, маси и ламби, брендот го стави во центар својот препознатлив ценовник.
Навидум обичните етикети со цена, во кампањата „Каде и да нè однесе животот“ („Wherever Life Goes“) се претвораат во сведоци на најважните животни моменти - првиот бакнеж, преселбата, откривањето нова страст, учењето да се свири на гитара.
Кампањата ја потпишува креативната агенција „Акестам холст ноа“, а пораката е едноставна и длабока: домот се менува онолку колку што се менува и животот. А ИКЕА е тука да го следи, поддржи и приспособи на секоја нова етапа.
- Многу работи се култни на ИКЕА, но ценовникот е дефинитивно една од нив - вели Михаел Ситкјевич, уметнички директор на кампањата.
- Со тоа што го ставивме во центарот на приказната успеавме да ги прикажеме моментите што водат кон промена и да покажеме како ИКЕА може да биде дел од нив. Бакнежот е само бакнеж, но тој може да значи почеток на нова приказна - додава тој.
И токму тука лежи силата на кампањата: во тишината меѓу редовите, во суптилноста. ИКЕА не зборува за функцијата, туку за емоцијата. Таа не продава производи, туку вредности што не се мерат со цена - љубов, раст, нови почетоци.
Кампањата „Каде и да нè однесе животот“ потсетува дека домовите се многу повеќе од ѕидови и мебел. Тие се сцената на која се одвива животот, а секој парче мебел и секоја мала жолта етикета се дел од приказната што ја пишуваме секој ден.
Извор:
bizlife.rs
Фото: Screenshot/YouTube