X
 01.12.2020 Колумни

Политички неопределен

Автор на фотографија: Сашко Илов 

- Вие господине како планирате да заработувате? – вели службеничката за издавање визи во САД.

- Најпрво ќе работам било што, а потоа ќе барам работа во областите од кои и досега заработувам.

- Кои се тие? – ме гледа испитувачки дали ќе ја лажам.

- Работам како професор 7 години, предавам Етика, Запознавање со религиите(историја на религиите), Култура на Европската цивилизација, имам свое школо за фотографија и дизајн дома 6-та година и работам како фотограф и дизајнер.

Ми се насмевна од срце и вели:

– Ние со задоволство и радост ќе ви издадеме иселеничка виза.

Ми ги пресече нозете. Не сакам виза ама не сакам да живеам во вакви околности, е*аго. Изгледа се виде моето незадоволство кое таа го сфати како страв, па вели:

– Господине, со ова акумулирано знаење кое го имате немојте да се грижите, за брзо време ќе се снајдете со работа во САД.

И' се насмевнав, а во себе си велам: „Госпоѓо, јас со ова знаење овде дома не можам да заработам ниту 100 евра ако не ги пресметувам приходите од школото кое го водам дома. Претходната, та и оваа власт не сакаат да ја прифатат мојата политичка неопределеност, па не сакаат да ме вработат како професор.“

Тоа беше мојот најтежок ден, ден пред 3-те студентски протести за кои се подготвував да отидам, ама целиот свет ми се сруши па немав волја за ништо. Јас добив работа во училиште тогаш кога веќе немаше кој да го вработат властодршците. Мојата област е во дефицит во малите места. Ретко кој се запишува на факултет да изучува Филозофија, па тоа стана моја предност. Но откако најдоа свои деца да вработат како поминуваа годините, а тие властодршците стануваа сè поуверени во својата позиција дека се над законот, така за мене има сè помалку часови во училиштата.

Прво ми ги одзедоа изборните предмети Запознавање со религиите и Култура на Европската цивилизација. За да се предава некој изборен предмет во основното образование треба најпрво ние 3-та даскали да одржиме предавање пред родителите и да ги запознаеме што е тоа што ќе учат нивните деца, па потоа родителите избираат предмет за нивното дете. Јас во своето 7-годишно работење сум одржал само еднаш вакво предавање. Секоја година родителите добиваат ливче каде се наведени 3-те изборни предмети од кои тие треба да одберат еден, па зависно од интересот нивен така и се формираат паралелките.

Предметите кои се избираат се – Етика на религиите(по старо Веронаука), Запознавање на религиите и Историја на Европската цивилизација. Во Кавадарци децата од основното образование последните 3 години најмногу сакаат да учат Етика на религиите (по старо Веронаука), па Историја на Европската цивилизација и најмалку и тоа само во ООУ „Димката Ангелов Габерот“ сакаат да учат Историја на религиите, а предметот таму го предава колешка која завршила Социологија, а треба да го предава неко(и)ја кој завршил Филозофија.

До диплома од Филозофија сме 4-ца во Кавадарци, а ако нема таков кадар тогаш се бара некој кој завршил Социологија. Мене ми ги одзедоа изборните предмети кога дипломираа 2 колешки кои можат да предаваат Историја на Европска цивилизација. Двете се сестри, а воедно и внуки на љубовницата на инспекторот за образование во Кавадарци. Откако тие завршија, наеднаш сите родители посакаа нивните деца да учат баш тоа што тие го предаваат.

Откако не предавам секоја година во просек ми се јавуваат 10-на родители да ме прашаат кој изборен предмет го предавам за да заокружат на ливчето бидејќи сакаат нивните деца јас да ги учам и погодувате, тука се завршува целиот процес.

На моја искрена жалoст, нè напушти колегата Љупче кој предаваше исто што и јас. Oдлично соработувавме, се слушавме еднаш до два пати во едно полугодие да си раскажеме кој од кои учебници предава; освен учебникот кој е од Mинистерството да си размениме книги од кои предаваме и слично. Јас освен од учебникот Етика кој е од Кирил Темков предавам и од одбиениот учебник по Етика (кога конкурирале учебниците за Етика биле 2, но затоа што професорот Кирил се избори овој предмет да се предава се договориле во негова чест да се прифати неговиот учебник-тој така ни пренесе) кој е исто квалитетен. Предавам уште од Етика од Кирил Темков издадена за Епоха 1998, а внатре им предавања по Етика кои професорот ги одржал на Македонското радио, а ја користам и Етиката денес исто од К. Темков.

Откако Љубо нè напушти требаше некој да ги преземе неговите часови. Од 4-цата со диплома по Филозофија во градот 3-ца работевме, а една колешка не работеше. Затоа што работите се изместени и работа дава градоначалникот, а не директорот на школото. Бев во собранието кај инспекторот по образование да побарам да ми дадат дел од часовите, тој рече дека сè уште немале состанок во партијата на таа тема, но партијата имала став дека прво со часови треба да се обезбеди кадарот кој предава а потоа другите и дека најверојатно дел ќе добијам јас, а дел другиот колега.

Ок, си реков, тогаш ќе отидам да дадам документи во едно од училиштата. Таму директорот ми вели: „Идната недела дојди на работа“.

Отидов идната недела а тој вели дека сè уште не му јавиле да му кажат кој да работи, но штом ме праќа партијата да одам и да предавам... Јас му велам:

– Никој мене не ме распоредил и не ме праќа.

Вели тој: - Чекај сега ќе се јавам во седиштето на партијата.

- Немојте да се јавувате, навистина никој не ме пратил.

- Па како знаеш тогаш за часевите?

- Директоре, ви велам јас работам подолго во образованието, а и ги предавам предметите кои Љубо ги предаваше.

Тој сфатил дека штом сум дошол кај него јас веќе сум си ја наредил работат во партијата. Не можеше да се изначуди како самоиницијативно сум дошол да барам работа. Не отидов тој ден на работа. Ми се јави за 2 дена и вели:

- Партијата ни прати една колешка на место на колегата. Така часовите на Љубо наместо да ги поделиме јас и колегата ги доби колешката која беше невработена.

Си велам, нели требаше прво ние кои немаме потполн фонд на часови да добиеме часови, па ако останат уште часови да ги добие друг? Во меѓувреме разбрав дека локалниот моќник во партијата му бил комшија на мажот на колешката па така таа ги добила часовите.

Продолжив јас да предавам Етика во 4 училишта. Дојде да се гласа на претпоследните избори. Јас имам астма која ме нападна и ме легна во болница. Таму ме дочекаа изборите па не гласав. Излегов од болница излечен и дома ми дојдоа 4-ца партијски емисари - 3 девојки и еден господин, кој сега седи во клупите на гратското собрание како пратеник и ми вели:

– Каде беше ти на 1-от круг на гласањето?

Види, си велам, овие дома ми дојдоа.

- Бев во болница, имам астма, па ме нападна проклетата.

 Младичот вели:

- ОК. ќе те чекаме да дојдеш на 2-от круг.

Заканувачки ми мавта со прстот пред лице.

Си реков, јас не одам да гласам ама и да сум сакал да гласам, сега сигурно нема да дојдам. Поминаа изборите, дојдовме до пред крајот на мај месец а јас ги носам резултатите од последниот тест по Етика во ООУ „Тошо Велков Пепето“, а таму колешката која ни ги зеде часовите со колегата седнала во канцеларија. Школска ми е, заедно слушавме предавања на факултетот. Вели, директорката ја викнала да предава Етика. Хм, велам, добро мене никој не ме известил, а до крајот на годината имавме уште 4 часа или 4 недели, а секоја недела децата има по 1 час Етика. Директорката вели дека не сум се пријавил на конкурсот за вработување.

Јас и дузина коле(шки)ги потпишуваме 2 пати годишно договорите за работа оти не ги исполнуваме законските одредби за договор на неодредено време, поточно не исполнуваме 1-на одредба, а тоа е 10 часа (пола од работниот максимум) да предаваме во едно училиште. Тоа не може да го направиме затоа што во едно училиште ние имаме од 1 до 3 паралелки, а секоја паралелка има 1 час неделно, затоа и предаваме во повеќе училишта. Кога има конкурс училишните служби нè известуваат, а ние само поднесуваме молба и така завршува конкурсот. Тој е про-форма, целата документација за вработување. Ние во училиштето сами даваме молба за работа, во некои училишта службите сами ја пишуваат молбата па ние само ставаме потпис на договорот. Јас мислев дека и сега се случило тоа затоа што договори се потпишуваат на почетокот на секое полугодие а не во мај месец кога сме пред крај на учебната година. Не знам дали директорката не ме сакаше откако и реков дека јас предавам 7 часа, а таа ме плаќа за 3 часа и тоа им го кажав на колегите или поради тоа што изборните предмети кои ги предавав сакаше да и ги даде да ги предава внука и или поради моето одбивање да гласам или поради сè заедно.

Не знам. Сепак ми одзедоа едно училиште и тоа пред самиот крај на учебната година. Немаше време колешката да ги запознае учениците; а камоли да ги испрашува па само им ги спуштила на учениците оценките коi јас ги имав ставено. Учениците останаа без резултати од тестовите, сè уште им ги чувам тестовите.

Таа година за првпат воведоа екстерно тестирање, и јас од сите 4 училишта каде предавав во „Тошо Велков Пепето“ имав најдобри резултати на тестирањето. Тие деца според критериумите на власта сум ги научил најдобро, а тие за награда ми го одзедоа школото, е*аго.

Годинава имаше конкурс во Демир Капија за наставник по Етика и Граѓанско образование. Конкурирав и наместо мене примија, поточно му ги дадоа часовите на, колегата кој предава Географија. Заради таа манипулација децата од 7,8 и 9-то одделение останаа безмалку цело полугодие без овие часови. Колегата го примија пред две недели, а има уште 2 недели до крајот на ова полугодие. Како тој ќе ги оцени тие деца?

Годинава даскалите сакаа да штрајкуваат, но наместо штрајк се изборивме синдикатот да преговара со Министерството. За да дојде до тие преговори, а од страв да не штрајкуваме, првиот договор кој се потпишува на почеток на годината и трае до јануари годинава го потпишав истиот само со важност од 3 месеци (претпоставувам како форма на притисок да не штрајкувам).

Се вратив јас од училиштето и бев на пазар кога ми заѕвони телефонот и ми е јави секретарката на градоначалникот. Вели: „Треба да дојдеш на состанок во осум часот.“ Си помислив утре сабајле треба да отидам и и‘ велам: „Утре сум 1-ва смена на работа, па до 13 часот не сум слободен.“

- Господине вечерва во 20 часот треба да дојдете.

Си велам, каков е овој состанок во 20 часот? Истото ја прашав и неа. Таа ми рече дека така и‘ наредиле да ми пренесе и таа си ја извршила својата должност. Ќе ме отпуштат од работа оти не бев да гласам и на овие последните избори, си мислам, инаку што би правеле во осум навечер?

Отидов. Општината беше празна. Барав по канцелариите, наслушнував и чув гласови. Најдов, си мислам, некој да прашам каде треба да се јавам. Влегувам, а кога таму 9 колешки и колеги (со мене 10) седат и чекаат да се собереме сите.

Ова се случува во септември, јас штотуку се вратив од Битола, работев во екипата која ја раководеше Цеци, правевме мозаици за црквата „Свети Константин и Елена“ која се наоѓа пред домот на АРМ во Скопје. Мозаиците сега се на надворешните зидови од црквата, отидете и видете ги кога ќе ве наведе патот на таа страна од градот па кажете како сте задоволни од направеното.

Додека јас работев во Битола коле(шките)гите имале состанок на тема „Штрајк“ и 100% гласале дека треба да се штрајкува. Се разбира, градоначалникот разбрал. Градоначалникот и претседавачот на општината на сите кои сме со договор на одредено време ни закажал состанок. Кога дојде и последниот колега кој го чекавме ни откри дека нè викнале да ни кажат дека ако излеземе на протест за нашите права тие ќе ни дадат отказ затоа што потпишуваме 2 пати годишно, па така наредниот договор нема да го потпишат со нас. Тие се бореле за нас т.е. секоја година потпишувале договори со нас. Сега ние требало да покажеме лојалност и да не излеземе на штрајкот.

Како тоа тие се бореле за нас кога само јас сум таму затоа што мораат да ме примат, додека другите сите се партиски војници? Добро. Нас ќе не уценуваат со договорите, а како ќе ги уценат коле(шките)гите кои се со договори на неодредено?

Утредента останатите коле(шки)ги биле повикани исто во ниедно време во ноќта за да им соопштат дека ако го подржат штрајкот ќе им пуштат инспекции сè додека не им најдат фалинка во работата поради која ќе ги избркаат.

Се прашував зошто нè повикуваат навечер, па се сетив дека тоа е мало место, село (општина) и дека вака никој не може да нè види што правиме. За да не предизвикаме внимание кај селаните. Бре, си реков, мајката, како се промислени. Ем да не нè види никој, ем да нè притискаат.

Сега треба да и‘ се радувам на визата која ќе ми дозволи да се иселам од дома ми, е*аго. Јас останав политички неопределен и иселен од дома ми.

Се надевам дека овие деца студенти кои сега протестираат, а јас ги подржувам со целата своја душа и срце, нема да треба да се иселуваат затоа што сакаат да останат политички неопределени.

Проф. Сашко Дете Илов

 28.12.2014

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни