X
 02.02.2023 Живот

Психологија на продажбата: Како шведскиот гигант ИКЕА успеа да го намами целиот свет да купува таму?

Веруваме дека не постои човек кој не е запознаен со мебелот на ИКЕА, шведската мултинационална компанија која работи со повеќе од 450 продавници во 62 земји во светот.

Бидејќи вреди 17,5 милијарди долари, не можеме, а да не се запрашаме - која е тајната на успехот и како компанијата плаќа за производство и продажба на квалитетен и достапен мебел?

Она што треба да се нагласи е фактот дека за многумина, ИКЕА е повеќе од обичен бренд. Клиентите ја поврзуваат компанијата со парчиња мебел и со атмосферата во продавниците на подлабоко, психолошко ниво.

Во прилог на ова зборува не само распоредот во самите продавници и декорацијата, туку и можноста за ручек, пиење кафе, носење на децата во игротека.

Така, преку овие детали, зборот „купување“ добива поинакво значење. Но, направени се и некои други стратегии погодни за создавање масовна клиентела.

Оддалеченоста на продавниците


Општо е познато дека продавниците на ИКЕА се секогаш, во секој град и секоја земја, лоцирани надвор од централните области. Тоа е специфичен психолошки трик од неколку причини: продавниците се големи, на неколку илјади квадратни метри, што значи дека сте опкружени со производи од сите страни; освен тоа, малку луѓе одат во продавница на ИКЕА за една работа, обично се прави долг список кога веќе треба да поминете толку долг пат. Исто така, во светот постои мислење дека ИКЕА ги гради своите капацитети надвор од градот поради пониската цена на земјиштето.

Едноставно, ретко кој клиент застанува во продавниците на оваа шведска компанија само за да разгледа. Купувањето е речиси секогаш наменско. Ако ништо друго, ќе јадете нешто во ресторанот ИКЕА, така што компанијата и на тој начин ќе профитира.

Евтин и атрактивен мебел

Да се ​​потсетиме и легендарното видео во кое славниот фудбалер Златан Ибрахимовиќ зборува за ИКЕА и така, всушност, ја промовира.

Особено е интересна неговата изјава дека интелигентните луѓе купуваат во ИКЕА, со која Златан алудира на тоа дека во исто време може да се набави добар мебел и да се заштедат пари. Значи, класично паметно купување. Фокусот на бизнисот на шведската компанија е вредноста. Клиентите точно знаат што добиваат за своите пари, без да се чувствуваат како да преплатиле. ИКЕА на глобално ниво се смета за достапен бренд и тешко е да се промени таа слика.

Всушност, цената е суштината на стратегијата на ИКЕА за да ги придобие клиентите. Така, компанијата прво одлучува за цената на парчето мебел, а потоа работи на дизајнот и конструкцијата. Така што, станува збор за „обратен“ процес.

Ова значи дека обезбедува форма, функција и квалитет по ниска цена. Покрај тоа, клиентите ги привлекува фактот што мебелот лесно се составува, речиси секогаш сѐ има на резерва, а дизајнот е минималистички, естетски неутрален и лесно се вклопува.

Трошење пари или терапија?

Проценете сами. Многу луѓе се чувствуваат толку убаво и удобно во овие продавници, што купувањето им доаѓа како терапија и не се каат за парите. Токму тоа чувство е главната цел на ИКЕА. Нивните продавници се привлечни за нашата потсвест, која е главниот двигател на одлучувањето.

Пред сè, постојат салони, т.н. лажни соби. Се чини како да сте дома, кај пријател, во ресторан. Можете да замислите точно како едно парче мебел би се вклопило во вашиот дом бидејќи имате моќ на визуализација.

ikea
Фото: Freepik

Покрај тоа, сигурно сте забележале дека ИКЕА ја „сака“ белата боја. Тоа е затоа што белата боја, исто така, ја привлекува потсвеста и тоа е, да речеме, техника на невромаркетинг која исто така многу ја користи „Епл“.

Распоредот на продавниците на ИКЕА ги охрабрува купувачите да трошат повеќе бидејќи компанијата ја поставува продавницата покрај насочена патека што ги води купувачите во една насока низ целиот инвентар.

На подот се залепени стрелки кои го покажуваат патот, како и знаци со соодветна карта на продавницата.

Храната како лек


Компанијата многу добро знае дека храната е трик што поминува кај сите, особено по неколкучасовно пазарење, што е карактеристично за вакви големи малопродажни објекти. Потоа, кога ќе дојдете на каса, често се чувствува мирисот на вкусната храна.

Кога плаќате за сѐ што сте купиле, може да бидете преоптоварени и да ги прецените вашите трошоци. Кога ќе се вратите дома, ќе бидете многу гладни. Значи, еве ја идеалната можност да ручате во продавница на ИКЕА.

Концепт „направи сам“

Од една страна, идејата се однесува на тоа што сами го склопувате мебелот и уживате во тоа. ИКЕА е општо позната по ова, а може да се каже и пионер. Клиентот веднаш се чувствува гордо бидејќи направил нешто со свои раце.

Покрај тоа што ќе направи корисна работа, клиентот може и да „игра“ како дете и да ги тестира своите вештини. Тоа е уште еден психолошки трик - еден од најмоќните кој ИКЕА успешно го користи со години.

Од друга страна, шведската компанија ви дава можност парчињата мебел да ги приспособите на вашиот простор. Токму тоа привлекува голем број купувачи кои имаат „нестандардни димензии“ на соби.

Извор: Biznis.telegraf.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот