X
 02.03.2026 Живот

Дали парите купуваат среќа: Кои се најбогатите, а кои најсреќните земји во светот

Во најбогатите земји во светот се генерираат многу високи приходи. Но, кога станува збор за задоволство од животот, некои од најбогатите држави заостануваат.

Со помош на графиконот подолу е направена споредба на податоците за БДП по лице, базирани на податоци од ММФ, со резултатите за среќа од Извештајот за среќа во светот, во кој од луѓето било побарано да ги оценат нивните животи на скала од 0 до 10.

Лихтенштајн е на врвот кога станува збор за БДП по лице со повеќе од 206.000 долари по лице, а потоа следуваат Сингапур и Луксембург. Неколку мали, глобално поврзани економии доминираат во првите 10, меѓу кои се и Ирска и Макао.

Земјите богати поради ресурсите, како Катар и Бурнеј, исто така, се блиску до врвот на листата, а САД се на 11. место со околу 93.000 долари по лице, додека мнозинството од топ-20 се европски земји.

Сепак, тоа што се меѓу најбогатите не ги прави и најсреќни.



Финска е најсреќната земја со оцена од 7,74, а по неа следуваат Данска и Исланд. Нордиските земји постојано имаат високи оцени кога станува збор за задоволството од животот, што е одраз на силни мрежи на социјална безбедност, висока доверба во институциите и пристап до јавните служби.

Треба да се забележи дека Костарика и Мексико се меѓу 10. најсреќни иако имаат многу понизок БДП по глава на жител од многу европски земји. Истовремено, некои од најбогатите економии, како Сингапур и Катар, не се ни во првите 20 најсреќни земји.

Само неколку земји се во првите и на двете листи. Данска, Исланд, Норвешка, Луксембург, Швајцарија, Ирска и Холандија се ретки примери каде што високите приходи се совпаѓаат со високото задоволство од животот.

Податоците покажуваат дека иако богатството е важно, тоа не е сè во животот. Довербата, социјалната поддршка и пристапот до јавните служби играат голема улога во тоа колку луѓето се задоволни од животот.

Извор: Visual Capitalist
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот