Во периодот кога многумина ги пакуваат куферите, ги ставаат очилата за сонце и тргнуваат во потрага по нови доживувања, оваа ранг-листа претставува корисен водич за оние што бараат место каде што можат да се релаксираат, забавуваат или да истражуваат.
Анкетата, спроведена од „Ју-ес Њуз & ворлд рипорт“ меѓу 22 март и 23 мај 2024 година, се базира на глобални перцепции и ги прикажува 40. најзабавни земји во светот.
Зошто е Шпанија на врвот?
Шпанија се наоѓа на врвот благодарение на својата богата традиција, забавната атмосфера и сончевите дестинации како Барселона и Ибица. Нејзиниот култен фестивал „Ла Томатина“ е симбол на разиграниот и спонтан карактер на шпанската култура. Истовремено, добрата храна, топлото време и живиот ноќен живот ја прават Шпанија привлечна за широк спектар на туристи. Таа е и една од поевтините европски земји за патување, што дополнително го зголемува нејзиниот рејтинг.
Сепак, токму поради популарноста, секое лето во Шпанија се појавуваат и антитуристички движења кои протестираат поради растечките трошоци за живот предизвикани од големиот број посетители.
Бразил, Тајланд и Италија ги заокружуваат првите четири земји
Бразил, познат по шареноликиот карневал во Рио, го зазема второто место. Според истата анкета, Бразил е и прогласен за „најсекси“ земја на светот.
Тајланд е единствената азиска земја во топ-10 и претставува омилена дестинација за авантуристите и дигиталните номади.

Фото: Visual Capitalist
Италија е на четвртото место, нудејќи богато културно наследство и гастрономски доживувања покрај културните настани како Венецијанскиот карневал.
Овие земји успеваат да ја спојат културната длабочина со динамични настани, што ги прави атрактивни за различни видови патници.
Европа доминира на листата
Иако САД и Канада се единствените претставници од Северна Америка во првите 20, Европа убедливо доминира со 17 земји во топ-40. Лас Вегас останува град за забава во Северна Америка, додека Монтреал е познат по своите електронски журки. Во Европа, земји како Грција, Португалија и Холандија привлекуваат туристи со уникатна фестивалска култура и разигран ноќен живот.
Интересно е што Обединетото Кралство се наоѓа на 23. место, најмногу поради култни настани како фестивалот во Гластонбери.
Како се мери „забавата“?
Ранг-листата на „најдобри земји“ на „Ју-ес њуз“ се заснова на 73 атрибути, поделени во 10 категории како наследство, квалитет на живот, моќ и претприемништво.
„Забавата“ се мери како дел од пошироката категорија „Авантуризам“ и ги одразува перцепциите на јавноста, а не конкретни податоци.
Во истражувањето биле анкетирани околу 17.000 испитаници низ светот, меѓу кои и бизнис-лидери, интелектуалци и обични граѓани. Секој испитаник оценувал случаен избор на земји кои исполнуваат критериуми за БДП, туризам и странски инвестиции. Оцените потоа се нормализирани на скала од 0 до 100 и според нив се доделени конечните рангирања.
Извор:
Visual Capitalist
Фото: Visual Capitalist