Компанијата „Опен-еј-ај“ од Сан Франциско ја повлече својата најнова верзија на четботот „Чет-ГПТ 4o“ од пазарот, откако корисниците почнаа масовно да се жалат дека програмата е „претерано понизна“, ласка дури и на бесмислени идеи и прашања и покажува неприродно ниво на восхит кон сè што ќе ѝ се каже.
„ГПТ-4o“, најновата верзија на вештачката интелигенција, се појави пред само неколку дена, но брзо предизвика незадоволство. Наместо да биде само љубезна и услужна, оваа верзија на „Чет-ГПТ“, според корисниците, се однесувала доста понизно, со преголема доза на восхит и комплименти дури и за најбаналните или апсурдни прашања, како на пример, дали треба да се гушне кактус.
На социјалните мрежи изминатите денови кружеа примери и анегдоти за новиот „Чет-ГПТ“, кој наместо рационални одговори, ентузијастички поддржувал сè што ќе му се предложи. Корисниците изјавиле дека ваквиот пристап бил збунувачки и непријатен, поради што „Опен-еј-ај“ одлучил итно да интервенира.
Причината за ваквото однесување, според некои аналитичари, лежи во обидот на компанијата да развие четбот кој ќе им се допадне на корисниците по секоја цена. Внатрешни статистики покажале дека комплиментите генерално предизвикуваат позитивни реакции, па програмерите очигледно премногу ја засилиле таа функција.
„Опен-еј-ај“ најави дека во иднина ќе понуди повеќе опции за однесување на својот четбот, кој пред нешто повеќе од две години ја започна еуфоријата околу вештачката интелигенција и кој денес го користат околу 500 милиони активни корисници неделно.
Сем Алтман, извршниот директор на „Опен-еј-ај“, изјави дека повлекувањето на оваа верзија е завршено и дека се работи на нејзино подобрување. Тој на неговиот твитер-профил признава дека новата верзија е досадна и сервилна.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik