X
 02.06.2018 Живот

Можеме да научиме од него: Лекцијата на еден наставник чиј ученик заспал на неговиот час

Наставникот Монте Сирје од Ченеј, Вашингтон не е првиот наставник кому му се случило ученик да му заспие на час, меѓутоа начинот на кој се справил со сето тоа, навистина восхитува.

Монте е наставник по англиски јазик во средното училиште во Ченеј. Тој на неговиот твитер-профил ја сподели приказната за негова ученичка која заспала на неговиот час. Наместо да ја разбуди, тој одлучил нејзиното однесување да не го сфати сериозно.

Како што вели, тој знаел дека ученичката била уморна од обврските во својот дом и воннаставните активности, па одлучил да ѝ ја даде заслужената пауза. Ова е неговиот целосен пост:

-Мег вчера заспа на час. Ја оставив да спие. Не го сфатив лично. Има математика во 12 часот, различни обврски на нејзината фарма, замор, адолесцентска вознемиреност и уште многу други работи со кои треба да се справи. Мојот час е само дел од нејзиниот живот, не е нејзиниот живот. Да, не го искористи мудро времето на час вчера. Не го предаде есејот. Го знаеше тоа. Знаев и јас, но воопшто не ѝ реков ништо. Не ни морав. Вчера, во 21 часот, таа ми испрати мејл со есејот. Сама. Знам дека сите на некој начин мислиме дека постои правилен начин за тоа како треба да бидат завршени работите, и со тоа, оставањето на децата да спијат на час ги преминува границите. Сфаќам, и не предлагам дека треба да  стане постојана рутина, но предлагам некогаш да им веруваме на нашите инстинкти, дури и ако сет тоа оди против нашите мислења. Во различна училница, Мег можеби ќе беше избркана затоа што спиеше на час и ќе ѝ беше дадена оценка нула за есејот што не го предаде, но таа не беше во друга училница; беше во мојата училница. Мојата училница.

А во мојата училница постојат многу работи што јас можам да ги направам. Не можам да го контролирам светот надвор. Не можам да ѝ понудам на Мег час по математика. Не можам да ги нахранам нејзините коњи (многу коњи) наутро или навечер. Не можам да ги избркам нејзините тинејџерски неволји. Но можам да ѝ дадам пауза. Не беше некултурна вчера кога заспа. Беше уморна. Па затоа ѝ дадов пауза. Можам да го направам тоа. И сакам да верувам, морам да верувам - или животот ќе ми биде лага, дека тоа ќе се исплати. И се исплати, Мег го заврши есејот. Всушност, случајно, таа гордо ми кажа кога наидов на неа в продавница во 6.45 часот утрово. Таа си земаше појадок пред нејзиниот час по математика во 7.10 часот. Станала од 5 часот за да ги заврши нејзините обврски.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот