X
 02.06.2021 Образование

МОН: Не доцни ранг-листата со наставници-ментори, процедурата е долготрајна

Пет месеци поминаа од објавата на јавниот повик за напредување во звање наставник-ментор, кој се однесуваше на наставниците за основното образование. Иако речиси е крај на учебната година, ранг-листата со кандидатите што ќе бидат унапредени сè уште не е објавена. Наставници што се пријавиле на конкурсот прашуваат до каде е објавата на ранг-листата и реагираат за доцнењето, па Факултети.мк праша во Министерството за образование и наука до каде е целата постапка.

Неодамна МОН ги повика наставниците што сакаат да напредуваат во звање наставник-ментор да се пријават на повторниот јавен повик. Оние што ќе се најдат на конечната листа ќе добиваат повисока плата за 2.869 денари.

Постапката за напредување на наставници од основни училишта во звање ментор, пријавени на првиот објавен повик, е во финална фаза и наскоро ќе бидат објавени конечните ранг-листи, уверуваат од Министерството за образование и наука.

- Нема доцнење во реализацијата. Се работи за постапка која трае подолго, имајќи предвид дека по аплицирањето од страна на наставниците, постапуваат комисии за проверка на исполнетоста на професионалните стандарди за звањето наставник-ментор, кои треба да обезбедат и оцена од Бирото за развој на образованието и мислење од училиштето за исполнетоста на стандардите за наставник ментор – велат во МОН.

Како што е наведено во јавниот повик, еден наставник може да поднесе барање за напредување во звање наставник- ментор ако има најмалку седум години работно искуство како наставник, ако е вработен на неопределено работно време и ако ги исполнува професионалните стандарди за наставник-ментор. За луѓето од фелата, дискутабилен беше третиот услов, за што Факултети.мк веќе пишуваше. Кој ќе потврди дека одреден наставник во основно образование заслужува да биде избран за наставник-ментор, потоа, дали за тој надомест од околу 2.800 денари менторот ќе треба да работи во или надвор од работното време и зошто од училиште во кое има 10 наставници што ги исполнуваат условите само еден може да биде избран за наставник-ментор, беа само дел од прашањата и дилемите што се наметнаа по објавата на првиот јавен повик во јануари, за време на зимскиот распуст на учениците.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование