X
 02.08.2025 Живот

Колку пари ви се потребни за да го прошетате светот?

Многу луѓе сонуваат да го прошетаат светот и слободно да патуваат, но тоа не е толку едноставно поради многуте трошоци. Ново истражување покажа колкав износ навистина е потребен. Доколку размислувате за таков чекор, ова може да ви послужи како добра ориентација.

Истражувањето, спроведено од „Токер рисрч“ по нарачка на „Травелбинџер“, откри дека Американците генерално не сакаат да се откажат од животот што го познаваат дури ни за огромна сума пари. Третина од испитаниците (32 отсто) изјавиле дека би им требале повеќе од 462.500 евра за да ги стават патувањата пред сè друго.

Според податоците од анкетата спроведена на 2.000 луѓе, просечниот Американец би напуштил сè и би тргнал да патува низ светот ако има 269.850 евра на сметка во банка. Целта на истражувањето беше да се утврди колкав износ луѓето сметаат дека е доволен за да го напуштат работното место и да ги остварат своите соништа за патување.

Сепак, секој шести испитаник (18 отсто) рече дека би се одлучил на таков чекор и за помалку од 46.250 евра, додека речиси ист број (17 отсто) наведоа дека не постои сума пари што би ги натерала да тргнат на патување околу светот.

Не е изненадувачки што потребниот износ расте со возраста. Генерацијата З изјави дека би им требале околу 196.100 евра за да ја напуштат работата и да тргнат на пат, додека бејби-бумерите би го направиле тоа само ако имаат повеќе од 311.000 евра.

На прашањето како би го потрошиле буџетот од околу 925.000 евра предвиден за патувања, повеќето испитаници одговориле дека прво би ги повеле своето семејство и пријателите на одмор од соништата.

Вториот најчест одговор беше разгледување историски локалитети и светски чуда, како египетските пирамиди, Колосеумот и Таџ Махал. Речиси четвртина од учесниците (24 отсто) рекоа дека би се одлучиле за патување низ САД или други земји, додека други сонуваа за остварување на својот „животен список со желби“ како сафари во Африка или нуркање во Големиот корален гребен.

Многумина истакнаа дека би уживале во луксузни одморалишта, додека 18 отсто рекоа дека би се одлучиле за т.н. бавно патување минувајќи месеци на секоја дестинација за целосно да ја доживеат земјата што ја посетуваат.

Интересно е што 4 отсто од испитаниците изјавиле дека ако им бидат дадени милион евра за патување, тие би ги вратиле парите затоа што патувањата едноставно не ги интересираат.

Извор: Nezavisne.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот