X
 02.09.2025 Наука

Дали слоновите жалат за мртвите?

Во дивината е вообичаено да се видат некои цицачи како мечките или големите мачки како нежно ги носат своите малечки во уста на безбедно. Но, се смета исклучително необично тоа да го прави слон, особено кога малечкото што го носи е веќе пцовисано.

Локален фотограф на животни успеал кон крајот на јуни со својот фотоапарат да забележи срцепарателна сцена во националниот парк Каудула на Шри Ланка во која мајка слоница го носела безживотното тело на своето малечко слонче со денови.

-Не беше подготвена да се прости од него. Тоа беше тешко за гледање - вели фотографот Санџаја Мадушан.

Тој додава дека службениците од паркот му рекле дека слончето пцовисало непосредно по раѓањето.

Дали животните ја разбираат смртта?

Се проценува дека има околу 7.000 слонови кои слободно лутаат на овој јужноазиски остров, според пописот од 2011 година. Тоа значи дека земјата ја има една од најгустите популации на слонови на светот, имајќи предвид колку е мала.

За Шри Ланка е специфичен подвидот Elephas maximus maximus, кој е најголем и најтемен од азиските слонови. Националниот парк Каудула е познат по бројноста на овие слонови во него.

-Сум видел како тука се собираат повеќе од 300 слонови. Иако често сум гледал големи групи, ова е првпат да присуствувам на таков излив на емоции. Но, зшто таа би се однесувала така? Дали жали? Или тоа е само случаен чин - се прашува фотографот, заедно со многу други на социјалните мрежи.

Докторката Лијан Прупс, доцентка по однесување и благосостојба на животните на Универзитетот во Портсмут, Велика Британија, вели дека е многу тешко да се одговори, иако слични глетки претходно биле забележувани низ светот.

-Тешко е да се разбере што навистина се случува во умот на другите животни, до која мерка ја разбираат смртта и нејзините клучни обележја - дека смртта е универзална и непоправлива - вели таа за Би-би-си.

Таа вели и дека е можно животното само да било збунето.

-Но, носењето на малото наоколу не е нешто што слоновите инаку го прават со живите слончиња, така што мислам дека тука има некаков вид на емоционална реакција - вели Прупс.

Таа објаснува дека овој вид на животинска реакција на смртта сега се проучува во ново научно поле наречено компаративна танатологија, каде што научниците детално се занимаваат со ваквото однесување.



Слично однесување и кај другите животни

Слоновите не се сами во ваквото однесување. Приматите, китовите и делфините се забележани како остануваат покрај починати единки.

Во 2018 година кит-убиец го привлече вниманието на целиот свет откако беше забележано дека 17 дена го турка мртвото тело на малечкото по Пацификот. Годинава истиот кит делуваше како повторно да тагува откако изгуби уште едно мало.

-Таа престана да јаде затоа што очигледно морала да го балансира малото на носот, како да е нејзин клун, а тоа е прилично тешко, но се држеше до малиот кит неколку недели, иако поради тоа слабееше - вели Прупс.

Во меѓувреме, во студија од минатата година во Индија биле документирани случаи во кои стада слонови биле забележани како ги прекриваат пцовисаните слончиња со земја, сугерирајќи нешто што некои луѓе го опишуваат како однесување што личи на погребување.

-Овие известувања за погребите на слоновите мислам дека се прилично тешки за толкување. Особено затоа што, вреди да се напомене, постојат други видови кои навистина редовно ги закопуваат пцовисаните, како што се мравките и глувците - вели Прупс.

Поради сечењето на шумите и тековните проекти за изградба, судирите меѓу луѓето и слоновите се сè почести во последно време на Шри Ланка, завршувајќи со убивање на стотина слонови секоја година, што ги остава малите слончиња без мајки. Слоновите го пренесуваат знаењето од генерација на генерација во склоп на матријархално општество, со помлади членови кои учат од постарите.

-Често се убиваат постарите единки од групите, а кога ќе се случи тоа, слоновите, како и луѓето, немаат од кого да учат и не разбираат што се случува или не се однесуваат нужно на правилен начин. Така што тоа може да предизвика многу пореметувања кога се растураат фамилиите - објаснува Прупс.

Извор: BBC
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука