X
 26.08.2021 Живот

Зошто емоционално интелигентните луѓе никогаш не се жалат?

Секое друштво има по една личност која, што и да се случи, никогаш не се жали. Колку и да е фрустрирачка ситуацијата, оваа личност одбива да се жали, останува позитивна и продолжува напред.

Восхитувачки, нели? Но, од друга страна, и прилично иритирачки за другите. На крајот на краиштата, сите ние сме научени да го користиме жалењето како издувен вентил.

Но, науката вели дека личноста што никогаш не се жали секогаш се чувствува подобро. Всушност, едно истражување објавено во 2015 година вели дека жалењето всушност прави да се чувствувате полошо, а тоа чувство трае со денови.

- Дискутирањето за настаните веднаш откако ќе се случат или по некое време го принудуваат мозокот повторно да го искуси настанот или да вежба негативен емоционален одговор. Ова создава посилна асоцијација во меморијата - велат истражувачите.

Поедноставно кажано, жалењето за негативен настан всушност го зацврстува инцидентот во вашиот ум. Наместо да ви помагате да продолжите понатаму, жалењето предизвикува негативните чувства да се вмешаат во други области од вашиот живот. Истражувачите откриле дека луѓето што се жалеле имале полошо расположение, чувствувале помало задоволство во работата и имале значително поголема веројатност да се чувствуваат помалку среќни и да доживеат послаба самодоверба и следниот ден.

Сето тоа прави да се чувствувате полошо и денес, но и наредниот ден. Зошто?

Зошто? Истражувачите мислат дека жалењето за негативен настан е како да се доживува истото двапати - еднаш кога се случило и повторно за време на прераскажувањето - и две лоши искуства се секогаш полоши од едно. Постојаното жалење за нешто, исто така, има тенденција да предизвика бран: јас се жалам, ти се жалиш, и двајцата си кажуваме колку е лошо нештото - па така она што се случило изгледа уште полошо.

2
Фото: Freepik

Во секој случај, жалењето не помага.

Тоа не значи дека единствениот одговор на негативна ситуација е да се насмевнете и да преминете преку нештото.

Како што пишува Џастин Барисо од веб-страницата „Inc.com“, емоционалната интелигенција на крајот значи да ги натерате вашите емоции да работат за вас, а не против вас.

Така, наместо да губите енергија со жалење, ослободете се од лошите чувства зборувајќи за тоа како ќе ги подобрите работите. Што ќе направите следниот пат. Што нема да направите следниот пат.

Тоа е разговорот што треба да го водите со другите луѓе.

Или дури и сами со себе.

Останете позитивни - или она што истражувачите го нарекуваат прифаќање на „спортско“ однесување - вештина што ја подобрувате преку вежбање и повторување.

И не застанувајте тука.

Кога луѓето околу вас се жалат, слушајте. Сочувствувајте. А потоа помогнете им да го префрлат својот фокус на изнаоѓање начини за подобрување на ситуацијата.

Бидејќи истражувањето, исто така, покажува дека кога вашите пријатели се чувствуваат посреќни и попродуктивни, и вие се чувствувате така.
Извор: Inc.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот