X
 02.09.2025 Здравје

Што открива обемот на вратот за вашето здравје?

Лекарите долго време се потпираа на мерки како индексот на телесна маса (БМИ) и соодносот половина-колк за да ги проценат здравствените ризици. Сепак, истражувачите сѐ повеќе го насочуваат вниманието кон еден неочекуван показател - обемот на вратот.

Дебел врат можеби асоцира на сила, како кај боксерите со голема тежина и рагби-играчите, но студиите посочуваат дека може да сигнализира загрижувачки здравствен проблем. БМИ, кој ја дели тежината со висината за да ја процени дебелината, не секогаш ја покажува целата слика. Компетитивен бодибилдер може да има висок БМИ, но видливо да не е дебел. Тука дополнителен увид нуди обемот на вратот.

Истражувањата покажуваат дека луѓето со поголеми вратови во однос на големината на телото се соочуваат со зголемени ризици од неколку сериозни здравствени состојби. Врската лежи во она што големината на вратот го открива за дистрибуцијата на масти, особено во горниот дел од телото.

Овие масти околу горниот дел од телото ослободуваат масни киселини во крвта, што може да се меша во тоа како телото се справува со холестеролот, шеќерот во крвта и срцевиот ритам. Клучно, обемот на вратот служи како индиректен показател за висцералните масти - штетните масти што ги обвиткуваат органите.

Доказите што ја поврзуваат големината на вратот со здравствени проблеми се впечатливи. Кај луѓето со вратови со поголем обем биле забележани повисоки стапки на неколку кардиоваскуларни болести, вклучително и висок крвен притисок, атријална фибрилација и срцева слабост. Поголемиот обем на вратот се поврзува и со коронарна артериска болест, каде што главните артерии до срцето се стеснуваат и го намалуваат протокот на крв богата со кислород.

Но, кардиоваскуларните проблеми не се единствената грижа. Поголемиот обем на вратот го зголемува и ризикот од развивање дијабетес тип 2 и гестациски дијабетес.

Има врска и со нарушување на сонот - врат со поголем обем се поврзува со опструктивна апнеа при спиење. Луѓето со оваа состојба се соочуваат со поголеми ризици од сообраќајни несреќи поради исцрпеност.

Па, што е ризичен обем на врат? 

За мажи, врат со обем од 43 сантиметри или повеќе ги зголемува здравствените ризици, додека за жените 35,5 или повеќе сантиметри.

Она што можеби е најголемо изненадување е тоа што овие ризици се јавуваат и кај луѓе со нормален БМИ. Може да имате здрава тежина според традиционалните мерења. но сè уште да се соочувате со зголемени здравствени ризици поради обемот на вратот. 

Ако вашите мерки се над прагот, не паничете, но сфатете го тоа сериозно. Големината на вратот е само еден дел од вашето здравје, но е важен, а често занемарен.

Добрата вест е дека обемот на вратот може да се промени со промени на животниот стил. Кардиоваскуларни вежби и тренинг со тегови можат да помогнат во намалувањето на маснотиите во горниот дел од телото. Квалитетниот сон ја поддржува метаболичката регулација и закрепнувањето. Урамнотежената исхрана богата со мешунки, овошје и зеленчук обезбедува есенцијални хранливи материи без вишок калории.

Мерењето на вратот трае неколку секунди со лента - едноставно завиткајте ја околу најтесниот дел од вратот, осигурувајќи се дека лентата не и стегната.

Во време кога постојано бараме подобри начини за предвидување и превенција на болести, некогаш одговорите се буквално пред нас. Вашиот врат можеби открива повеќе за вашето здравје отколку што сфаќате и вреди да му посветите малку внимание.

Извор: The Conversation
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје