Новинарот и долгогодишен телевизиски водител Едвард Рукиди Кијанангома Њабонго I стана нов крал на угандското кралство Торо, но неговото именување предизвика спор околу наследството.
Кијанангома го наследи кралот Ојо Њимба Кабамба Игуру Рукиди IV, кој минатиот месец почина од рак во 34. година од животот. Ојо дојде на престолот во 1995 година, кога имаше само три години, и тогаш беше најмладиот монарх во светот.
Спорот настана бидејќи членови на кралското семејство тврдат дека Ојо зад себе оставил малолетен син и со тестамент одредил тој да биде негов наследник. Меѓутоа, детето никогаш не ѝ беше претставено на јавноста, ниту пак го призна 21-члената комисија која го избира кралот.
Затоа комисијата го избра Кијанангома, еден од кандидатите од владејачкиот клан Бабито. Кијанангома и покојниот крал Ојо беа роднини, односно внуци на кралот Џорџ Дејвид Метју Камураси Рукиди III.
Кралицата мајка Бест Кемигиса ја оспори одлуката, наведувајќи дека тестаментот на нејзиниот син мора да се почитува. Властите и комисијата, сепак, тврдат дека изборот е спроведен во согласност со традицијата.
Новиот крал нема формална политичка власт, но традиционалните кралеви во Уганда имаат значително културно влијание.
Кијанангома вети дека ќе се залага за единство и развој на кралството.
Интересно е што пред доаѓањето на престолот повеќе од две децении работеше како новинар, меѓу другото, и на угандската државна телевизија УБЦ.
Тој завршил новинарство на Универзитетот „Макерере“ во 1999 година.
Кијанангома изјави дека познанствата стекнати во текот на 21 година новинарска работа ќе ги искористи за да му придонесе на својот народ.
Извор:
021.rs
Фото: Screenshot/BBC