Лековите што се користат за лекување дијабетес и за слабеење можат значително да го зголемат ризикот од сериозни компликации при општа анестезија. Ново истражување од Обединетото Кралство покажува дека пациентите што земаат лекови од групата ГЛП-1, во која спаѓаат и мунџаро и вегови, имаат 11 пати поголем ризик од враќање на желудочната содржина, таканаречена регургитација, за време на операции.
Механизам на ризикот
Проблемот настанува поради комбинираното дејство на анестезијата и овие лекови, пишува „Сајанс алерт“. Додека анестетиците ги опуштаат мускулите на телото, агонистите на ГЛП-1 ги забавуваат варењето и празнењето на желудникот. Ако желудочната содржина се врати во хранопроводот додека пациентот е под анестезија и нема контрола врз телото, може да ја вдише во белите дробови. Тоа може да доведе до тешки повреди на дишните патишта или задушување. Поради тоа, на пациентите им се наложува пред операцијата да не јадат, но за корисниците на овие лекови стандардниот период на постење можеби не е доволен.
Прекинот на терапијата не е секогаш решение Иако во британската студија на речиси третина од пациентите на ГЛП-1 лекови им било советувано да ја прекинат терапијата 8 до 14 дена пред зафатот, тоа можеби не го намалува значително ризикот. Постојат докази дека на желудникот му треба повеќе време за да се испразни дури и кога пациентите не земаат семаглутид до три недели.
Карием Ел-Богдадли, анестезиолог од Кралскиот колеџ во Лондон кој го водеше истражувањето, смета дека прекин пократок од три до четири недели не е доволен за да исчезне ефектот на лекот врз желудникот. Истражувачите наведуваат дека со оглед на полуживотот на лековите како тирзепатид и семаглутид, би бил потребен прекин од 25 до 35 дена за лекот целосно да се отстрани од организмот.
Резултати од британската студија
Новото истражување е национална, мултицентрична студија која опфати податоци од повеќе од 47.000 пациенти во Обединетото Кралство. Во споредба со оние што не земаат ГЛП-1 лекови, учесниците на таа терапија почесто имале проблеми со регургитација, главно при будењето од анестезија. Зачестеноста на регургитација или аспирација на белите дробови кај пациентите кои ги земаат овие лекови била еден на 71, додека кај другите пациенти тој однос бил еден на 802. Сепак, забележани се само два случаи на аспирација меѓу 1.348 пациенти на ГЛП-1 терапија, што е премал примерок за носење цврсти заклучоци. Авторите истакнуваат дека дебелината и дијабетесот сами по себе се ризик-фактори за аспирација, што можело да влијае врз резултатите.
Проблем со непријавувањето на лековите
Посебен ризик претставува фактот што многу пациенти не ги известуваат анестезиолозите дека ги користат овие лекови. Повеќе од 40 проценти од учесниците во британската студија ги набавиле ГЛП-1 лековите надвор од системот на матични лекари или болнички рецепти, на пример, преку интернет. Авторите на студијата истакнуваат дека поради ефикасноста во слабеењето, овие лекови сè почесто се набавуваат преку канали кои ги заобиколуваат лекарите. Поради тоа, пациентите можеби не ја пријавуваат нивната употреба, а стандардните проверки при приемот во болница би можеле да ги пропуштат.
Американското здружение на анестезиолози моментално препорачува поголемиот дел од пациентите да продолжат да ги земаат лековите за дијабетес или за слабеење пред планираниот зафат. Сепак, лекарите би требало да проценат дали ризикот од забавено празнење на желудникот е поголем од ризиците што прекинот на терапијата ги носи за основната состојба на пациентот, како што се нарушувањата на нивото на шеќер во крвта.
Во насоките се наведува дека кај пациентите со висок ризик од гастроинтестинални несакани ефекти би требало да се разгледа течна диета 24 часа пред зафатот. Како што расте популарноста на ГЛП-1 лековите, медицинските протоколи ќе мора да се приспособуваат на новите сознанија. Наодите од студијата беа претставени на годишниот состанок на Здружението на анестезиолози во Ливерпул и беа објавени во списанието „Анестезија“ („Anaesthesia“).
Фото: magnific