X
 02.10.2026 Живот

Билјана Коцева, национален проект-менаџер за ПИСА 2025: „Учениците не се мотивирани, ПИСА-тестот не им влегува во успехот, ниту добиваат некаква материјална награда“

Подготовката на 15-годишниците да напредуваат и да водат во свет кој брзо се менува бара повеќе од силна академска вештина. Бидејќи доживотното учење, надградбата на вештините и преквалификацијата стануваат сè поважни, на учениците им се потребни мотивација и стратегии за учење што им овозможуваат да ја преземат одговорноста за своето учење во текот на целиот свој живот, вели Билјана Коцева, национален проект-менаџер за ПИСА 2025

Македонското образование со години се соочува со сериозни предизвици, а тоа го потврдија и резултатите од годинешнoто ПИСА-тестирање. Македонските ученици и на последното ПИСА-тестирање не успеаја да го подобрат својот континуирано слаб резултат. Трендот на опаѓање на квалитетот на македонското образование е евидентен, трае веќе две децении и остава сериозна дамка врз начинот на кој се креира и спроведува образовната политика во земјава. Подетално за тестирањето ПИСА, но и за слабите резултати на учениците, разговараме со Билјана Коцева, национален проект-менаџер за ПИСА 2025.

Немотивираноста придонесува за слабите резултати

ПИСА-тестирањето го мери акумулираното знаење на 15-годишните ученици во нивното формално образование. Во секој ПИСА-циклус се опфатени 3 главни области: природни науки, математика и читање. За ПИСА 2025, акцентот беше ставен на природни науки. Дополнително секој циклус си има една иновативна област, овој пат тоа беше „Учење во дигиталниот свет“.

- Дел од ПИСА-задачите се затворени, а дел се од отворен тип. Застапени се задачи од сите тежински нивоа. Во нив се бара ученикот да размисли и да одговори. Задачите се практични и во ниеден момент не се бараат готови дефиниции. За математика дури не треба да се памтат формулите, туку сите потребни формули му се достапни на ученикот, а има можност и да користи дигитрон преку самата платформа за тестирање. Во примерокот се опфатени ученици од целата држава, примерокот го прави интернационалниот ПИСА-тим и рамноправно се застапени ученици според пол, возраст и наставен јазик. Во ниеден момент не се одбираат ученици според нивните постигнувања и оценки во училиштата - ни сподели Билјана.

Како што вели, последниов ПИСА-циклус е забележан глобален пад во образовните постигнувања на учениците, особено во областа читање. Резултатите од ПИСА 2025 откриваат нееднаква слика за образовните постигнувања во земјите, при што исходите од учењето во голема мера стагнираат или продолжуваат да опаѓаат во многу земји. Во областа на природните науки, просечните резултати се во умерен пад во земјите членки на ОЕЦД, додека во другите земји се главно стабилни. Во математиката просечните резултати се намалени за 22 поени во земјите членки на ОЕЦД, а пад има и кај другите земји. Најголем пад е регистриран во областа на читањето, каде што резултатите се намалени за 28 поени кај земјите од ОЕЦД, а за 16 поени кај другите земји.



- Во Македонија немаме таков драстичен пад на резултатите. Во областите природни науки и читање имаме пад од 2 бода, што статистички прави да сме на истото ниво како и претходниот циклус. Најголем пад е забележан во математика од 9 поени, кој сепак е понизок од падот на земјите од ОЕЦД. Според постигнатите поени за овој циклус, од вкупно 91 земја/економија учесничка, Македонија се наоѓа на следниве позиции: природни науки 76., математика 70., читање 76. и решавање компјутерски проблеми 75. место. Можна причина на која најмногу ме упатува моето размислување е дека учениците не се доволно мотивирани, ПИСА-тестот не им е составен дел од успехот во училиштето, ниту пак добиваат каква било материјална награда. Потребно е да се подигне свеста за тоа што значи ПИСА во светски размери и дека ја претставуваат својата држава на интернационално ниво, натпреварувајќи се со врсници од други 90 земји/економии во светот - подвлекува Коцева.

За позитивни промени, потребни се промени во образовниот систем

Ако сакаме да постигнеме подобри резултати на следните меѓународни тестирања, потребни се промени во образовниот систем, начинот на кој се изведува наставата, начинот на кој се мерат постигнувањата на учениците.

- Гледаме и дека дел од промените се започнати и се надевам на позитивен исход. Подготовката на 15-годишниците да напредуваат и да водат во свет кој брзо се менува бара повеќе од силна академска вештина. Бидејќи доживотното учење, надградбата на вештините и преквалификацијата стануваат сè поважни, на учениците им се потребни мотивација, дејствување и стратегии за учење што им овозможуваат да ја преземат одговорноста за своето учење во текот на целиот свој живот - вели нашата соговорничка.

Наодите од ПИСА 2025 покажуваат дека овие ангажмани не само што се позитивно поврзани со успехот на учениците, туку и се зајакнуваат меѓусебно. Нивниот однос се рефлектира и во неодамнешните трендови: во многу образовни системи падовите во академските перформанси се совпаѓаат со слабеење на ангажманот кај учениците.



- Извештајот дополнително нагласува дека учениците имаат поголема веројатност да успеат кога имаат чувство на припадност, ја ценат улогата на школувањето и учат во безбедни, поддржувачки и позитивни средини. Блиските врски со семејствата и наставниците, исто така, играат клучна улога во поддршката, во ангажманот и во постигнувањата на учениците. Земени заедно, овие наоди ја нагласуваат потребата образовните системи да усвојат холистички пристап кон учењето, оној што ги цени и вештината и ангажманот и обезбедува сите ученици да имаат поддршка, можности и ресурси потребни за да го достигнат својот целосен потенцијал во училиштето и пошироко - додава Билјана.

Фото: magnific
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот