Според информациите што ги пренесува Марк Гурман од Блумберг, новиот извршен директор на „Епл“, Џон Тернус, сака да создаде „поповолен“ Епл, посилно насочен кон инженерството, експериментирањето и почестото претставување нови производи.
Една од неговите први поголеми промени наводно ќе биде намалувањето на средниот менаџмент. Целта е да се поедностави организациската структура и да им се овозможи на инженерите подиректна комуникација со највисокото раководство.
„Епл“ во последните недели веќе почнал да го намалува бројот на раководители на инженерски програми, односно вработени кои координираат различни тимови за време на развојот на производите. Погодените вработени добија одредено време да најдат други позиции во рамките на компанијата, а оние што нема да успеат во тоа, би можеле да добијат отказ.
Тернус наводно откажал и неколку производи што биле во развој, што резултирало со помал број отпуштања во тимовите поврзани со Сири, ВИ-проекти и Вижн про.
Гурман вели дека „Епл“ разгледувал и значително поголемо кратење кое би зафатило околу 5.000 вработени во Еплкер, чиј дел од работите требало да ги преземе ВИ. Од тој план во меѓувреме сепак се откажале, па, барем засега ВИ нема да ги замени тие вработени.
Но, промените нема да се однесуваат само на бројот на вработени. Тернус наводно смета дека „Епл“ треба повеќе да експериментира и почесто да претставува нови производи. Тоа би можело да значи и постепено напуштање на традиционалниот распоред според кој компанијата најголемиот број новитети ги претставува на големиот септемвриски настан, со повремени претставувања во текот на пролетта.
Назнаки за таквиот пристап веќе се видливи кај актуелната генерација на „ајфон“, чии модели не беа претставени одеднаш. „Епл“ така во иднина би можел порамномерно да ги распореди претставувањата на новите уреди во текот на годината.
Промени се очекуваат и во сегментот на услуги. Поради сè поголемиот регулаторен притисок врз „Еп Стор“ и забавувањето на растот на неговите приходи, Тернус, Еди Кју и финансискиот директор Кеван Парек наводно разгледуваат нови услуги со кои „Епл“ би можел да остварува дополнителни приходи од постојните корисници и уреди.
Фото: magnific