X
 02.12.2018 Живот

Крузери што ќе се движат благодарение на мртви риби

Прекуокеанските патнички бродови се изненадувачки голем извор на стакленички гасови и загадување, но од норвешкиот оператор на вакви бродови, „Хуртигрутен“, истакнуваат дека се стремат кон јаглеродна неутралност и тоа благодарение на мртвите риби.

Иако ова можеби звучи лудо, всушност има смисла. Норвешка има развиена рибна индустрија и остатоците и отпадоците се погодни за мешање со друг органски отпад за да се произведе тип на гориво наречено течен биогас.

- Она што другите го гледаат како проблем, ние го гледаме како ресурс и решение. Со воведувањето на биогасот како гориво за крузерите нашата компанија ќе биде првата од овој вид што ќе ги снабдува бродовите со нефосилно гориво - истакнува Даниел Скјелдам од „Хуртигрутен“.

Создавањето биогас е смрдлив процес, дури и без рибите. Крајниот производ е мешавина од различни гасови кои се произведуваат кога органските материи се разложуваат без кислород.

Биогасот може да биде прочистен и потоа да се создаде течен биогас.

Но, иако ова е чекор во вистинската насока, биогасот не е омилен обновлив извор на енергија за сите. Сѐ уште се создава јаглероден диоксид во процесот (иако многу помалку отколку кај традиционалните фосилни горива) и биогасот никогаш нема да биде приод кој би им одговарал на сите бидејќи не е погоден за секаков вид системи.

Норвешката компанија инвестира и во шест нови брода на биогас. Сето ова е дел од планот на компанијата да стане целосно јаглерод-неутрална до 2050 година. „Хуртигрутен“ е компанија стара 125 години и поседува 17 крузери. Оваа компанија ги забранува и пластиките за една употреба за да биде поодржлива.

Според портпаролот на компанијата, првиот брод би можел да биде подготвен следната година.

Најавата на норвешката компанија дојде откако еден американски капетан на крузер беше казнет со 100.000 евра затоа што горивото што го користел содржело повеќе сулфур од европскиот лимит.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот