X
 03.02.2026 Живот

Ова се најголемите ризици со кои се соочува светот во 2026 година

Од брзиот напредок на вештачката интелигенција до промените во повоениот економски поредок, повеќе сили го преобликуваат глобалниот систем.

Како што овие промени се забрзуваат, така носат зголемени ризици. И не само што отвораат прашања за националната конкурентност и безбедност, туку имаат потенцијал непропорционално да ги погодат пазарите на труд.

Графиконот подолу ги прикажува водечките светски ризици во 2026 година врз основа на податоци од Извештајот за глобални ризици 2026 на Светскиот економски форум.

За целите на анализата, Светскиот економски форум анкетирал повеќе од 1.300 експерти за најитните глобални ризици во 2026 година.

predizvici
Фото: Visual Capitalist

Од испитаниците било побарано да изберат еден ризик за кој сметаат дека најверојатно ќе предизвика материјална криза на глобално ниво во 2026 година.

Анкетите биле спроведени во периодот од 12 август до 22 септември 2025 година.

Ризици и удел на испитаници кои ги избрале 

Геоекономска конфронтација - 18 отсто
Државно водени вооружени конфликти - 14 отсто
Екстремни временски настани - 8 отсто
Општествена поларизација - 7 отсто
Мисинформации и дезинформации - 7 отсто
Економски пад - 5 отсто
Нарушување на човековите права и/или граѓанските слободи - 4 отсто
Неповолни последици од технологии со вештачка интелигенција - 4 отсто
Сајбер-несигурност - 3 отсто
Нееднаквост - 3 отсто

Геоекономската конфронтација е рангирана како најголем глобален ризик во 2026 година, при што 18 отсто од испитаниците ја избрале како најверојатна причина за глобална криза.

Во однос на минатата година, овој ризик се искачил за две места на ранг-листата, поради постојаните тензии на Блискиот Исток и во Украина. Поново, притисокот од САД во врска со Гренланд, како и апсењето на претседател на Венецуела, Николас Мадуро, дополнително придонеле за зголемување на напнатоста.

Истовремено, според експертите, перципираната рамнодушност на претседателот Трамп кон одбраната на Тајван би можела да создаде совршена бура за кинескиот притисок за „обединување“.

Државно водените вооружени конфликти се рангирани на второ место во извештајот на Светскиот економски форум, избрани од 14 отсто од испитаниците. Вреди да се истакне дека во светот моментално има 59 активни државни конфликти, што е највисока бројка од Втората светска војна па наваму.

Третото место го заземаат екстремните временски непогоди, кои биле избрани од 8 отсто од испитаниците. Од шумски пожари до суши, сериозните временски непогоди значително придонесуваат за раст на цените на храната, раселување на населението и зголемени трошоци за осигурување. Како што глобалните температури продолжуваат да растат, овие последици би можеле да се интензивираат и по зачестеност и по сериозност.

Извор: Visual Capitalist
Фото: Visual Capitalist
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот