X
 22.04.2021 Култура

Детали за „Оскарите“: Гостите не мора да носат маски, холивудските магнати останаа без покани

На 25 април ќе се одржи 93. доделување на „Оскарите“. Како што се доближуваме до датумот, така се откриваат сѐ повеќе детали околу церемонијата. Според последните информации, говорите на сцената по добивањето на наградата ќе бидат подолги од порано, за оркестарот да може да се одмори во тој период.

Со оглед на тоа што церемонијата се смета за филмска продукција, Академијата за филмски уметности и науки донесе одлука дека маските нема да бидат потребни пред камера. Но, гостите ќе мора да носат маски кога не се пред камера и за време на рекламите.

Вкупно 170 лица ќе можат да присуствуваат на доделувањето на наградите, а членовите на публиката ќе се ротираат за време на церемонијата. По пристигнување во „Јунион стејшн“ во Лос Анџелес, каде што ќе се одржи церемонијата, на гостите ќе им биде обезбедена маршрута во која ќе биде означено кога се ротира влегувањето и излегувањето.

Поради намалениот капацитет, многу холивудски магнати не добија покани за овогодишните „Оскари“. Меѓу оние на кои им е оневозможено присуство на церемонијата е и Роберт Игер, шефот на „Дизни“.

oskari
Фото: Screenshot/YouTube

Пред „Јунион стејшн“ е планиран простор каде што ќе се движат номинираните, а се претпоставува дека ќе има и поскромна верзија на црвениот тепих.

Режисер на „Оскарите“ е Глен Вајс, додека продуцентскиот тим е предводен од Стивен Содерберг во соработка со Џеси Колинс и Стејси Шер. Водители на церемонијата ќе бидат Бред Пит, Хали Бери, Харисон Форд и Рис Витерспун. На списокот со презентери се и Анџела Басет, Бонг Џон Хо, Дон Чејдл, Брајан Кранстон, Реџина Кинг, Марли Матлин, Рита Морено и Зенедаја.

Извор: Variety.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура