X
 03.04.2022 Живот

Еве зошто Копенхаген е еден од најбезбедните градови на светот

Минатата година, првпат по многу години, една европска метропола го надмина јапонскиот Токио, на листата со најбезбедни градови во светот. Според истражувањето спроведено од „Економист интелиџенс јунит“, најбезбеден град во светот е Копенхаген.

При составувањето на листата, тие споредија 60 града за кои споредија 76 различни индикатори, од пристап до здравствена заштита, стапки на криминал, па сè до локални еколошки иницијативи. Копенхаген во истражувањето собра 82,6 поени од максимални 100, а „Травел сјуткејс“ открива што го донело овој град на самиот врв на престижната листа. Градоначалникот на Копенхаген, Лард Вајс, ги сумираше своите размислувања.

- Во Копенхаген секој може да се чувствува безбедно. Без разлика дали се работи за дете, пензионер, маж или жена, припадник на ЛГБТ-заедницата или кое било друго малцинство, ние постојано работиме на тоа сите наши граѓани да се чувствуваат безбедно - изјави тој.

За ниската стапка на криминал и корупција, заслужни се програмите за превенција

Една од главните причини за високиот ранг на данската метропола е многу ниската стапка на криминал во градот. Тоа се припишува на успешните превентивни програми и иницијативите за спречување на криминалот, а има и способни полициски сили кои се добро обучени, опремени - и не се корумпирани. Врската помеѓу корупцијата, личниот доход и личната безбедност е многу висока. Данска е многу либерална земја каде што е безбедно да се шета по улиците сам, се разбира, со разумна доза на претпазливост.

Разликите меѓу најбогатите и најсиромашните не се многу големи

Малиот јаз меѓу богатите и сиромашните е уште една причина зошто Копенхаген го надмина Токио минатата година. Тоа е град каде што чистачката се среќава со главниот извршен директор во истите продавници или ги носи децата во истите училишта. Исто така, сосема е нормално да се видат членови на кралското семејство како со велосипеди ги носат децата во градинка. Овие мали разлики во богатството се резултат на голем број иницијативи, како што се флексибилен пазар на труд, бесплатно и достапно образование и квалитетот на училишниот систем.

1
Фото: Freepik

Градот се грижи за екологијата и сака да биде првиот јаглеродно неутрален град


До 2025 година Копенхаген ќе биде првиот јаглеродно неутрален град, цел што ја постави сегашниот градоначалник Вајс. Данската метропола спроведува неколку еколошки иницијативи кои вклучуваат употреба на зелена енергија, намалување на емисиите и потрошувачката на енергија, уредување на велосипедската инфраструктура, уредување на нови паркови и зелени површини. До 2050 година Данска сака да стане независна од јаглен, бензин и дизел.

2
Фото: Freepik

Инвестираат милиони во дигитализација и подготвуваат проект за паметно управување со сообраќајот


Дигиталната безбедност е ставка што азиските градови како Токио, Сингапур и Осака убедливо ја освоија во минатото, но пандемијата го промени тоа. Овој фактор е поважен од кога било имајќи предвид дека бизнисот и трговијата во голема мера се префрлија во онлајн просторот и многу градови се на добар пат да станат „паметни“ градови. Меѓу нив е и Копенхаген, кој доби многу поени во оваа категорија и има еден од најдобрите проекти за „паметен град“ наречен „Поврзување на Копенхаген“. Проектот има цел да го направи градот позелен, со поквалитетен живот за неговите жители. Некои иницијативи веќе се започнати, како што е инвестирање 13 милиони евра во интелигентно управување со сообраќајот.

3
Фото: Freepik

Здравствена безбедност

Ова е една од најважните ставки во истражувањето, особено ако се земе предвид фактот дека пандемијата сè уште не е завршена. Ефикасниот здравствен систем во Копенхаген донесе голем број поени во оваа категорија. Земјата троши повеќе за здравствениот систем од европскиот просек, престојот во болница е пократок, целата здравствена заштита е финансирана од даноци и е достапна за сите.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот