Од денес започнува тестирање ТИМСС (TIMSS – Trends in International Mathematics and Science Study), во кое се опфатени 150 основни училишта од државата и до крај на наставната година ќе бидат тестирани околу 4.900 ученици на македонски и на албански јазик, соопшти Министерството за образование и наука.
Со учеството во меѓународните студии на мерење на постигањата на учениците се добиваат многубројни податоци за образовните системи, наставните програми, наставниот процес, постигнувањата на учениците, работата на наставниците, како и споредување на постигнувањата на учениците на меѓународно ниво, како исклучително важен фактор за понатамошното креирање на образовните политики со кои Министерството за образование и наука ќе обезбеди поквалитетно образование за сегашните и идни генерации ученици.
TIMSS (Trends International Mathematics and Science Study) е интернационална студија во која се мерат постигнувањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија). ТИМСС тестирањето опфаќа ученици, родители, наставници и директори на училиштата, а резултатите од ова тестирање со опсежен извештај ќе бидат објавени во декември 2024 година.