Пандемијата на коронавирусот поттикна многу промени во работата. Милиони луѓе низ светот почнаа да работат од дома и тоа трае повеќе од една година.
Неодамна, британската канцеларија за статистика објави извештај за работата од дома врз основа на анкети спроведени на стотици илјадници луѓе во период од речиси една деценија. Било откриено дека лицата што работат од дома имаат повеќе работни часови за помалку бенефиции во споредба со колегите што одат на работа.
Работниците од дома поретко добивале бонуси
Истражувањето, спроведено од 2013 до 2020, покажало дека луѓето што најмногу работеле од дома поретко добивале бонуси во споредба со оние што никогаш не работеле дома. Можеби работниците од дома поретко се земаат предвид за унапредувања и бонуси бидејќи работодавците не ја гледаат нивната работа.
Друга можна причина за ова е ставот на работодавците дека работниците од дома имаат други бенефиции, како флексибилност и помалку време поминато во патување до канцеларија.
Фото: Pixabay
Работниците од дома поретко земаат слободни денови кога се болни
Процентот на денови искористени за боледување на работниците што работеле од дома во 2020 г. бил 0,9%, додека кај оние што работеле од канцеларија изнесува 2,2%.
Можно објаснување за оваа разлика е тоа што работниците од дома се помалку изложени на болести, но според извештајот, многу луѓе едноставно работеле додека биле болни бидејќи не морале да патуваат до канцеларија, а биле способни за работа.
Работниците од дома работеле повеќе неплатени часови
Во 2020 г. луѓето што најчесто или повремено работеле од дома имале просечно 6 часа неплатена работа неделно. Од друга страна, оние што никогаш не работеле од дома имале просечно 3,6 неплатени работни часа неделно.
Фото: Pixabay
Работниците од дома почесто работеле навечер
Пандемијата предизвикала промени во работните часови. Во септември минатата година работниците од дома почесто работеле од 18:00 часот до 23:00 часот во споредба со оние што никогаш не работеле од дома.
Во април, на почетокот од пандемијата, работниците од дома почесто работеле во периоди кои се типични за работа од канцеларија бидејќи работата од дома била нова за многумина.
Според извештајот, работниците можеби продолжуваат да работат по завршувањето на работното време во периоди што претходно би ги поминале патувајќи.
Автор: Захра Тајеб
Извор:
businessinsider.com