Патот по кој чекориме е патот кој ни е „судбински определен“ – трнлив животен пат исполнет со различни проблеми и животни премрежиња. Не постои човек без проблеми. Нема човек чија судбина е лесна и без проблеми и тешкотии. Токму преку животните проблеми човекот, поминувајќи низ различни животни премрежиња, духовно и душевно созрева и се стекнува со животно искуство и мудрост, иако тоа не е случај и не важи за сите поединци.
Нашата свест еволуира и се издигнува – возвишувајќи се на повисоките нивоа на егзистенцијата со растот и созревањето на нашата душа. Еволуцијата на свеста се движи во насока на (р)еволуција на свеста. Тоа значи распукнување на кората на општествената свест преку издигнувањето и возвишувањето на индивидуалната свест и исчистувањето на колективната свест од архетиповите на колективното несвесно, преку кои се отвора тајната врата кон повисоките нивоа на егзистенцијата која поминува низ филтерот на екологијата на индивидуалните свести. Сето ова бара постојани напори, истрајност и упорност да се опстои на животната патека во потрагата по смислата на животот и покрај сите пречки, проблеми, комплексни животни ситуации и премрежиња на колективен и индивидуален план.
Оптимизмот лекува и тој има исцелителски својства за човековата душа. Оптимизмот го јакне менталниот имунитет на човекот и му помага да се заштити и да создаде јак одбранбен душевен и духовен штит од злото, страдањата и несреќите кои го демнат од сите страни во овие лоши времиња – невремиња кога кај многумина отсуствува емпатијата, односно способноста да сочувствуваат со туѓата болка и страдањето и желбата да му помогнат на другиот кога тој се соочува со некаква емотивна или духовна криза или со сериозен животен проблем.
Денес, ретко кој има на кого да се потпре кога се соочува со вистински сериозен животен проблем или предизвик. Затоа пријателството има непроценливо големо, ако не и клучно значење за просперитетот во животот. Човекот е свесен дека понекогаш е потребна помош или совет од пријател, па макар и само еден топол збор или прегратка – можност да се биде сослушан кога е тешко и, исто така, да се сака да се помогне и да се сослуша и разбере кога на другиот му е тешко. Пријателските врски, иако во денешно време се многу ретки и малобројни, треба постојано и непрекинато да се негуваат и да им се посвети грижа и внимание исто како што му посветуваме внимание и се грижиме за цвеќето кое го одгледуваме за да може тоа да даде убави цветови и да опстои во живот – да расцвета убаво и раскошно. Но, иако пријателството игра голема улога за напредокот во животот, сепак многу поважен е односот кој го имаме воспоставено кон себеси, односно каков однос имаме изградено со себе и сопствената личност. Од непроценливо значење е да се грижиме, пред сè и над сè, за сопствената душа. Грижата за душата и негата на душата се наша света должност и обврска на патот на еволуцијата на свеста и духовната (р)еволуција. Тоа значи да бидеме посветени на себеси и сопствениот живот – да бидеме одговорни за сопствениот живот, а со тоа и преку тоа да бидеме и да останеме посветени и одговорни и за животите на другите луѓе, да придонесуваме за развитокот и напредокот на заедницата и да го насочиме нашиот живот кон создавање здраво општество со светла иднина – со утрешнина. Секој чекор напред на скалилата на еволуцијата на свеста значи совладување на најразлични предизвици и соочување и решавање најразлични животни проблеми, како и напредок во сеопфатното разбирање на целината на животот – во составувањето на делчињата на комплексниот животен мозаик во една интегрална целина која е проткаена со значење и смисла.
Еволуцијата на свеста истовремено значи и екологија на свеста – исчистување на душата од трауматските искуства, емоционалниот отров и проширувањето на видиците, односно хоризонтите во согледувањето на општата слика за животот како феномен кој е автентичен, неповторлив и неприменлив на туѓото животно искуство – еден и единствен – без можност за реприза и толку незабележително самосвоен и себствен во нијанси, трагикомичен и комплексен, а сепак едноставен по природа во создавањето и толкувањето на неговата смисла и суштина. Ризницата на животните искуства е отворен прозорец низ кој свеста може да ги прошири своите видици кон светот и да еволуира кон повисоките облици на постоењето, станувајќи сè поотпорна на ролеркостерот на животните промени и предизвици и пронаоѓајќи ја животната константа на сè што постои. Непроменливото во промените во овој свет – таа вечна константа – е душата. Душата е вечна и супстанцијална – како суштина или есенција на животот во овој менлив и минлив свет на сенките и илузиите кои како театарски маски ги сокриваат своите вистински ликови во трагикомедијата на постоењето.
Да се биде способен да се пронајде смисла во еден свет исполнет со апсурд – без смисла и значење – тоа значи да се биде подготвен за соочување со сите демони, стравови и ужаси на постоењето и да се отвори портата на свеста кон најскриените катчиња на душата за да може да се погледнат и откријат храбро и смело сите тајни на универзумот на личноста кои се сокриваат и од самите себеси и за кои треба да се има доволно доблест и решителност да се покажат на светлината на денот.
Предодреденоста да се помириме со судбината или да ѝ се спротивставиме во значителна мера влијае врз екологијата на свеста. Тоа значи да изнајдеме модус на постоење кој ќе нè насочи на вистинската патека во животот – на патеката на еволуцијата на свеста кон повисоките нивоа на егзистенцијата. Филтерот преку кој се исчистува свеста е срцето. Срцето е чуварот на нашите најскриени тајни и премолчени вистини кои понекогаш ги сокриваме многу вешто и од себеси. Потрагата по вистината нè соочува со самите себе и ни овозможува да го погледнеме својот духовен лик во огледалото на душата. Свеста е само прозорецот кој се отвора кон пределите на душата.
Распукнувањето на кората на општествената свест и нејзиното ослободување од кожурецот на (р)еволуцијата на свеста значи нејзин пробив и продор во слободната сфера на активизмот и индетерминизмот. Прочистувачката моќ на срцето како најмоќен филтер низ кој свеста преку медиумот на душата се ослободува од емоционалниот товар и отровот наталожуван со години е манифестација на екологијата на свеста низ процесот на еволуцијата на индивидуалните свести. Духовните атоми – душите на поединците во најголема мера придонесуваат за екологијата на свеста. Не постојат општи духовни закони според кои се движат и дејствуваат духовните атоми. Единствениот чинител во тој процес е само законот на кармата и дармата (или правилното морално дејствување и постапување) преку кој душата, отплатувајќи ги кармичките долгови, еволуира и исчистувајќи се низ филтерот на срцето се придвижува кон смислата – кон исполнувањето на својата животна мисија.
Екологијата на свеста како свој интегрален дел ја содржи филозофијата на совеста како составна компонента на постоењето на повисоките духовни нивоа. Во цивилизацијата во која живееме затворени како во невидлив кафез – нашите духовни гени се блокирани и оневозможени да дејствуваат во насока на еволуцијата на душата по патеката на смислата и остварувањето на животната мисија.
Пронаоѓањето на целта и смислата во животот може да се оствари само во медиумот на тишината на срцето – надвор од досегот на цивилизацискиот шум и вревата. Составна компонента од екологијата на свеста е и способноста да го наслушнеме и разбереме говорот и јазикот на срцето. Тоа нам ни говори во медиумот на душата преку симболи. Човекот е суштество кое преку симболите и соништата доаѓа до една релативно јасна согледба на стварноста. Моќната симболика на соништата е повик за будење на душата од сонот на илузијата и за исчистување на свеста низ филтерот на срцето. Мудроста на срцето е редок бисер кој не треба да биде фрлан пред „свињите“ заробени во лавиринтите на тривијалната егзистенција. Како што вели Фридрих Ниче, Божјото царство не е на небото, туку во срцето. Срцето има моќ да ја лекува душата од трауматските искуства со помош на љубовта кон животот, животниот елан и полет и оптимизмот.
Неоспорно е дека оптимизмот има лековити својства и дека тој може да ја исцелува душата и целосно да го регенерира телото. Клетките на телото и духовните атоми на душата имаат одредени фреквенции на кои вибрираат и со тоа мислата, зборот и делото придонесуваат за зајакнувањето или ослабнувањето на биополето на човекот. Затоа афирмативните импулси на оптимизмот кои носат со себе бранови на добра енергија и вибрација го зајакнуваат биополето на живите суштества. Лошата мисла, лошиот збор и лошото дело носат со себе негативна вибрација и енергија која го ослабува биополето на живите суштества. Поради тоа, најдобриот заштитен механизам од негативните вибрации е зајакнувањето на биополето преку будењето на креативната енергија и оптимизмот во медиумот на добрата мисла, добриот збор и доброто дело.
Библиотерапијата, музикотерапијата и сликарството се еден од методите за исцелување на раните и траумите во душата. Секој креативен израз е мост до будењето на заспаните духовни потенцијали кои се клучни компоненти за јакнење и будење на свеста и јакнење на биополето на живиот организам. Создавањето силен одбранбен штит од душевна и духовна енергија за заштита на аурата и биополето на живото суштество е мисијата и визијата на екологијата на свеста која треба да се исчисти од негативните надворешни влијанија и вибрации, но и од внатрешните демони – црните, тешките и песимистичките мисли кои го блокираат слободниот проток на енергијата во биополето.
Живите суштества преку духовната (р)еволуција, еволуцијата и екологијата на свеста се стремат кон хармонизација на биоенергијата и духовната енергија и кон издигнување и возвишување на свеста на повисоките нивоа на постоењето. Енергетските вампири и другите видови негативни поединци ја цицаат нашата енергија, ја намалуваат нашата витална сила и енергетски и духовно нè исцрпуваат. Тоа се оние што свесно или несвесно се определиле за злото и кои го деградираат нашето биополе нанесувајќи ни штета на сите три нивоа на егзистенцијата – и на физичко, и на душевно, и на духовно ниво. Холистичкиот пристап кон здравјето посочува кон различни методи за зајакнувањето на аурата, душевното и физичкото здравје. Но, најнапред најважно е подигнувањето на свеста, односно освестувањето за опасноста која демне и создавање одбранбен штит против негативните влијанија.
Со развојот и експанзијата на техниката и информатичката технологија човекот сè повеќе се оддалечува од центарот на својата суштина – своето битие и се отуѓува од себеси и сопствената суштина станувајќи сè повеќе роб на ниските страсти и потрошувачкиот менталитет, кој денес во потрошувачкото пост-постиндустриско и дигитално општество станува „императив“ на современиот начин на живеењето. Бунтот (побуната) на свеста против болното општество завршува со казна, репресија и одземање на слободата и е придружено со индиректна закана за животот. Современите луѓе наликуваат на радосни роботи – робови кои свесно го посакуваат ропството и кои премолчено бегаат од слободата наместо да се борат за неа. Насекаде во општеството луѓето се заробени со невидливи синџири или окови – а најстрашното од сето тоа е што и самата свест е поробена и кодирана (претворена) во „свест-играчка“ со која може лесно да се манипулира преку општествените механизми.
Во вакви услови на духовно ропство од клучно значење е формирањето на нов облик на екологија на свеста која дополнително ќе се зајакне преку мобилизација на духот и духовните потенцијали во насока на разбивањето на стереотипите кои владеат во општеството и во насока на разобличувањето на илузијата на општествената свест како меродавна за општествениот прогрес и напредокот на заедницата.
Вообличувањето на индивидуалната свест на поединецот надвор од калапот на општествената свест според сопствените мерила и вредности создадени низ филтерот на срцето е клучно за моделирањето на екологијата на свеста во насока на (р)еволуцијата на свеста надвор од границите на општеството. Екологијата на индивидуалната свест е патот кон ослободувањето на општествената свест од ограничувањата на општествените механизми.
Автор: Душица Ѓокиќ, магистер по филозофија и независен истражувач на Филозофскиот факултет при Институтот за филозофија на УКИМ