X
 19.02.2021 Наша тема

Колумна: Младите и социјалното претприемништво

Честопати слушаме дека ние, младите, сме неамбициозни и незаинтересирани за промени и прифаќање нови работи. Јас не би се сложил со тоа. Сите ние, младите, се трудиме да ја најдеме вистинската професија за нас. Таа професија нема да биде професија од која само ќе заработуваме, туку и професија која ќе направи промена во нашите животи. Ние, младите, имаме соништа, визии и цели кои се стремиме да ги oствариме. Тие соништа се однесуваат и на промените што сакаме да ги видиме во општествата во кои живееме, a нашите идеи и иницијативи ќе бидат наш печат врз таа промена

Пишува: Андреј Стојкоски, волонтер во Младински сојуз - Крушево

Да се работи на подобрување на светот, никогаш не било повеќе во тренд. Многу пати ќе слушнеме и прочитаме дека главни и водечки зборови во денешницата се млади, развој, одржливост, екологија, идеја, иновација, иницијатива, акција, претприемништво... Кога би направиле некоја синтеза меѓу сите овие зборови, заедничкото за нив нè води кон поимот- СОЦИЈАЛНО ПРЕТПРИЕМНИШТВО. Основниот концепт на социјалното претприемништво е примената на бизнис-техника и маркетинг-механизмот за решавање на социјалните проблеми на општеството. Важен фактор на овој концепт, секако, е и одржливоста. Но, исто така, според мене, многу е важно и да се истакне предноста на овој концепт во однос на „регуларниот“ бизнис-модел, а тоа е ИНОВАТИВНОСТА. Во тој момент се јавува една клучна улога во оваа приказна, а тоа сме токму ние – младите. Глобалните статистики покажуваат дека најголем дел од социјалните претприемaчи се млади луѓе, односно за 1,6 пат повеќе е поверојатно некој млад човек да се занимава со претприемништво во споредба со постарите. Бидејќи младите луѓе се движечка сила во општеството, со тоа и младите се оние што ги препознаваат социјалните потреби и проблеми и тие директно ќе се вклучат во нивно решавање.

Како што претходно споменав, социјалното претприемништво се дефинира како „одржлив бизнис за решавање на социјалните проблеми“, но социјалното претприемништво е многу повеќе од тоа. Како волонтер во Младински сојуз - Крушево, имам доста можности да научам за социјалното претприемништво преку најразлични примери за работата на социјалните бизниси низ Европа и Јужна Америка. Заедно со петнаесет млади луѓе од Западен Балкан и Вишеградскиот Регион, имав можност да бидам дел од студиската посета на градот Лоџ, Полска, како дел од проектот „SSEN – Strengthening Social Entrepreneurial Networks.”

Оваа студиска посета за мене беше доста интересно искуство бидејќи имав можност да видам како функционираат социјалните бизниси во тој регион и од каква перспектива младите луѓе го гледаат развојот на нивната кариера. До тој момент мислев дека доста знам за социјалното претприемништво, но исто така видов нови и иновативни концепти кои успешно функционираат. Концепти кои се замислени и реализирани од млади луѓе кои својата идеја за нивната професија и визијата за нивното општество ја реализирале во одржливи бизнис-модели, кои воедно имаат и социјален карактер. Млади кои преземаат ризици. Ова ме натера да се замислам, што е она што моите врсници од Европа ги мотивира, не само да ја работат професијата за која сонуваат, туку воедно и да работат на подобрување на општеството. Да ги користат можностите што им се пружиле и да ги претворат во одржливи решенија чиј бенефит го гледаат сите жители на нивното општество. Не дека во нашата држава нема такви млади луѓе. Напротив, верувам дека во секој од нас, младите, живеат потенцијалот и желбата за нешто ново, за позитивна промена. Но, што е она на кое би требало да се работи кај нас, за и во нашето општество да се почувствува младинскиот дух. Да се каже дека ова е наша креација, на младите. Дека ние, младите, преку своите идеи и иницијативи сме придонеле за подобрување на нашето општество.

Да го задржиме фокусот на темата млади и социјално претприемништво во нашата држава. Кај нас овој концепт не е доволно промовиран и е тема на која треба допрва да се зборува. За разлика од повеќето европски земји, во нашата држава не е правно уреден со законска регулатива. Според истражувањето на Младински сојуз - Крушево, кое го спроведе за потребите на Еразмус плус проектот „Dive in Social Entrepreneurship”, каде што беа вклучени повеќе од 100 млади невработени луѓе од различни региони од нашата држава, заклучоците покажале дека 36% од младите луѓе воопшто не го разбираат концептот на социјалното претприемништво, 52% имаат своја дефиниција, а 12% имаат солидни познавања.

Од ова може да заклучиме дека е важно да се работи на оваа тема, гледајќи од искуството на другите земји што го спровеле овој концепт. Да се работи на оваа тема, се подразбира поддршка и охрабрување на младите луѓе да размислуваат во оваа насока. Добар начин за да го достигнеме ова е да им покажеме каков импакт би имале од социјалното претприемништво, особено на оние што веруваат и учествуваат во правење промени. Низ процесот на тренинзи и семинари младите би можеле да го разберат процесот на зачнување на идејата, нејзиното креирање и најважното – бенефитот за општеството при нејзина реализација.

Честопати слушаме дека ние, младите, сме неамбициозни и незаинтересирани за промени и прифаќање нови работи. Јас не би се сложил со тоа. Сите ние, младите, се трудиме да ја најдеме вистинската професија за нас. Таа професија нема да биде професија од која само ќе заработуваме, туку и професија која ќе направи промена во нашите животи. Ние, младите, имаме соништа, визии и цели кои се стремиме да ги oствариме. Тие соништа се однесуваат и на промените што сакаме да ги видиме во општествата во кои живееме, a нашите идеи и иницијативи ќе бидат наш печат врз таа промена.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема