X
 30.09.2023 Колумни

Училишна тетратка и учебник се потребни наставни средства

Наставниот процес, покрај со училиштен прибор, се одвива и дигитално, односно на електронска или смарт-табла. По многу наставни предмети, веќе неколку години, клучниот наставен прибор – тетратка - е веќе заборавен за употреба. Се случува дури и учебник да не се користи, или воопшто да нема по некој наставен предмет, па наставникот изнаоѓа начини како да им го предаде материјалот на учениците. Мене лично, како јазичар, многу ми пречи кога учениците ништо не пишуваат во тетратка (кај мене такво нешто не постои). Редовно и континуирано учениците си забележуваат што се работи на часовите, дури користиме и прилози-литература, односно материјали што сметам дека се потребни за надградување на тоа што се учи и, секако, за проширување на интересите. Сега нешто за тетратката и учебникот.

Тетратката како основно наставно средство

Користејќи ја дигиталната (наставна) апаратура, учениците заборавија да пишуваат, односно се случува од предолго пишување во тетратка да ги боли раката. Кога би ги оставиле малку настрана мобилните телефони, интернетот итн., можеби почесто ќе ја користат тетратката на часот, па и дома. Зашто факт е дека многу малку се пишува. Јас не верувам дека постои таков наставен предмет по кој не би требало да се фатат некакви забелешки... Но, за тоа одговорност си сноси самиот претпоставен. Повторувам: не смее да постои таков предмет по кој не би се запишало нешто значајно во тетратка... Оти ако се појават повеќе такви наставни предмети, тогаш ние, наставниците, што бараме редовно користење на тетратката навистина би имале проблем. Кога наставникот ќе каже: запишете ученици, или за домашна работа тоа и тоа, тогаш тоа е закон и точка. Така треба да биде. Значи, да учиме од материјали што се достапни за учење, меѓутоа, и од тоа што ќе го забележиме во основниот прибор на час. Да не ги учиме децата да бидат премногу „електронски зависни“, а ништо да не забележуваат со рака. Оти на тој начин писменоста го допира дното, уште повеќе од тоа како што е во реалноста. Немам ништо против електронските уреди, навистина се корисни, помагаат во наставата, но не смее да се занемари употребата на тетратката на часот. Таа е траен документ што не бледнее и што се чува, доколку правилно и уредно се одржува. Дури и по предметот Музичко образование се користи петолиние, а добро се сеќавам дека едно време сме користеле учебник и тетратка и по предметите Ликовно и Физичко (теорија, па практика). Многу е непријатно кога ќе чујам: „Ништо не пишуваме на час; наставникот ни рече дека нема да ни треба тетратка; или во краен случај: си седиме, ништо не работиме.“ Да, тоа е присутно, го слушаме и го гледаме. Но, не сакам околу тоа да пишувам затоа што сметам дека, колку-толку, секој просветен работник следел методика на настава на факултет... Доколку некој не ја научил методиката на работење во настава, нека се доквалификува, тоа не е срамота. Наставен час без основен прибор за работа, не го личи. Затоа, не смее да се отфрли користењето на тетратката на час, едноставно е: децата треба да вежбаат и да знаат да пишуваат оти го заборавија тоа и прават многу грешки: мешаат кирилица со латиница, а за ракописот, тоа е веќе друг проблем. Тетратката воопшто не тежи, таа треба да се носи во школскиот ранец и соодветно да се користи, не само по јазик и математика, ами по сите наставни предмети, еве ако се исклучок спорт или уметност, но за најголем дел од предметите сигурно е потребна. Да не дозволуваме само полесно да се помине часот, ами активно и динамично, со посветена работа и со вложен труд, што би резултирало со загарантиран успех!

Учебникот како составен дел од часот

21 век сме. Но, тоа не значи дека воспитно-образовниот процес треба да биде без клучно наставно средство - учебник. Не можам да разберам каква е таа настава во која не е предвидено да се користи печатен материјал. Децата да не учеле само од учебник, ами што треба? Знаеме од каде се учи. Вака изгледа многу банално и нејасно. Истото важи и за лектирите (кои треба задолжително да се читаат), иако ги има во електронска форма или прераскажани. Значи, да читаме од книга што се држи в раце, а не од телефон или од компјутер. Тоа сум го пишувал и претходно. Некој ќе каже: „Ама исто е“. Не би рекол дека е баш исто. Сличен е примерот и по предметот Техничко образование, за кој отсекогаш се користело куферче со материјали за работа и тоа се купуваше од книжарница. Тие вредности што му даваат квалитет на предметот не смеат да се изостават. Не смееме да даваме повеќе предност на електронското, а да го занемаруваме или исфрламе печатеното. Тоа постоело и мора да постои и понатаму. Замислете, писателот пишува книга и само електронски ја објавува и промовира. Самото достоинство и умеење не му го дозволува тоа. Хартијата е вредност што никогаш не старее и не бледнее. 

Наставникот е прв кој дава мотив, волја, насока на часот... но учебникот е видик, односно прозорец, низ кој мора да погледнеме добро за да знаеме кон што и каде ќе се движиме. Немам ништо против користењето на дигиталните ресурси во наставата, ги користиме, но не можам да прифатам ученикот да нема учебник на час или да го има со искинати страници или да му недостигаат... На просветарите и на учениците им требаат квалитетни наставни материјали, добро и правилно проверени, пред да бидат пуштени на печатење, со кои ќе можат подобро да го одвиваат наставниот процес. Да не дозволиме да учиме грешно, ами правилно, оти кога зборува искуството, треба да се слуша. Така е со многу работи во животот. Се радувам кога ќе видам дека моите ученици се подготвени на училишната клупа со потребен материјал по предметот, или повторуваат пред да влезе наставникот. Веднаш сликата е подруга, а впечатокот најубав. Како наставник кој ја сака наставата, а со неа и најмилите во неа, ќе кажам: децата треба да ни бидат приоритет во наставата и целта што сакаме да ја постигнеме со нив. Не сценарио за час, не ваква-таква програма и не знам уште кои административни потреби, тоа навистина станува мачно. Нашата обврска и должност како просветни работници е да им се посветиме на учениците, а другите планирања можат многу поедноставно да се средат. Мене, сценариото за час (односно дневната подготовка) ми е во главата, и со самото пречекорување на прагот на училиштето сум подготвен и знам што точно треба да работам на часовите, а не тоа детално да го пишувам во 144 сценарија за часови. Ќе порачам: ученици, користете тетратка и учебник, од нив се тргнува во наставата. Толку!

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни