Од 1 јуни, нов генерален директор на „Пивара Скопје“ е Огњен Лазиќ. Тој доаѓа на местото на Душан Митрев, кој е унапреден на нова позиција во рамки на Coca-Cola HBC групацијата.
Новиот генерален директор доаѓа од позицијата директор за маркетинг и комерцијална извонредност во „Бамби“, Србија. Има богато искуство во индустријата за пијалаци и финансиски менаџмент, како и во управување со развој на стратегии за раст на бизнисот.
- Голема чест е да се преземе раководење на компанија со едновековна традиција, која зад себе има препознатливост, стабилност, тим со искуство, но и огромен потенцијал за раст. Заедно со тимот ќе работиме на унапредување на ефикасноста, воведување иновации во работата, проширување на нашето портфолио и уште поголема поврзаност со консументите. Целта е јасна, да останеме вистински 24/7 партнер за пијалаци и прв избор на пазарот - изјави Лазиќ.
Лазиќ претходно бил директор за финансии на „Бамби“ од 2018 година, а исто така работел и во индустријата за пијалаци и како консултант во ЕУ. Лазиќ е препознатлив по својот иновативен пристап во менаџирањето, како и по креирање ефикасни синергии помеѓу различни сектори и тимови, со цел подобрување на резултатите и оптимизација на процесите. Неговата експертиза и постигнати резултати ќе бидат силна основа за понатамошен раст на „Пивара Скопје“, со фокус на иновации во бизнисот, унапредено корисничко искуство и поттикнување развој на таленти во рамките на компанијата.
„Пивара Скопје“ останува посветена на својата мисија, да креира 24/7 портфолио за секој дел од денот слушајќи ги потребите на консументите. Компанијата продолжува да работи на јакнењето на позициите на пазарот, градењето највисоко ниво на задоволство кај потрошувачите, како и со реализацијата на многубројни општествено-одговорни проекти кои се една од нејзините главни одлики. „Пивара Скопје“ е дел од глобалните групации Coca-Cola HBC и Heineken N.V.