X
 01.12.2019 Живот

Мора да постои систем на контроли при градба на згради, нерешен статусот на Филмската академија-Охрид, какви студентски денови имала Кренаре Невзати...

„Не убиваат земјотресите, туку објектите“ - градежните архитекти и експерти што се занимаваат со земјотресно инженерство често ја повторуваат оваа реченица. На темата разговаравме со проф. д-р Елена Думова-Јовановска од Градежниот факултет во Скопје. Хемија се учи низ експерименти, не напамет, ни порача наградениот средношколец Васил Кузмановски. Статусот на Институтот за филм - Филмска академија - Охрид и по повеќе од една година сѐ уште не е решен. Ова е втора академска година што не започна за студентите на оваа академија, а државата сѐ уште не нашла решение за надминување на проблемите со оваа институција. Ја раскажавме студентската приказна на професорката Кренаре Невзати-Кери од Факултетот за драмски уметности од Скопје.


Проф. д-р Елена Думова-Јовановска

Сликите од срушените згради, објекти и куќи по стравотниот земјотрес во Албанија сведочат за ужасот со кој се соочуваат нашите соседи. Прашањата што логично ни се вртат низ мислите е како една зграда е целосно срушена, а таа до неа поминала само со пукнатини? Дали можеа да се спасат човечките животи? И како?
Градежните архитекти и експерти што се занимаваат со земјотресно инженерство често ја повторуваат оваа реченица: „Не убиваат земјотресите, туку објектите“.
Проф. д-р Елена Думова-Јовановска од Градежниот факултет во Скопје во интервјуто за Факултети мк. ја образложува оваа реченица и објаснува што треба да направи Македонија за да бидеме поподготвени за природните катастрофи, кои се неизбежни, и како да спасиме човечки животи.
- Изведувачите често знаат да се пофалат со терминот висок асеизмичен квалитет, но ова е погрешен термин. Станува збор за конструкции што добро или полошо се однесуваат под дејство на земјотрес. Тоа е вистинската формулација. Затоа што кога проектирате објекти во региони каде што имате сеизмички хазард, во старт сте свесни дека за најјакиот очекуван, филозофијата на кодовите е да заштитиме човечки животи. Ние знаеме дека ќе се случат штети, ама она што се обидуваме да го заштитиме се човечки животи. Така што неоспорно е дека некакви штети ќе има, но работата е какви ќе бидат? Затоа ние зборуваме за објекти што ќе се однесуваат добро или полошо под дејство на земјотрес.


Весна Димовска-Јањатова

Со згаснувањето на културолошката струка на почетокот на деведесеттите, изучувањето на старогрчкиот јазик како задолжителен предмет речиси целосно е исфрлено од наставните планови за средното образование, вели д-р Весна Димовска-Јањатова, редовен професор на Институтот за класични јазици при Филозофскиот факултет во Скопје. Секоја образовна реформа во независна Македонија била на штета на класичното образование. Латинскиот и старогрчкиот јазик постојат како изборни предмети во гимназиите, но класична паралелка, класична гимназија – не постои во нашиот образовен систем од 1982 година, вели Димовска-Јањатова.
Со проф. Димовска-Јањатова разговараме како е вклучено класичното образование во нашиот образовен систем, како да се спроведат реформите, зошто е важно познавањето на класичните јазици. Под класично образование се подразбира изучувањето, пред сè, на класичните јазици (латинскиот и старогрчкиот), античката книжевност и култура, историја, уметност, филозофија и слично.


Студентите на Филмската академија - Охрид сè уште без одговори од државата

Статусот на Институтот за филм - Филмска академија - Охрид и по повеќе од една година сѐ уште не е решен. Ова е втора академска година што не започна за студентите на оваа академија, а државата сѐ уште не нашла решение за надминување на проблемите со оваа институција. Во меѓувреме, 20-ина студенти од Македонија и од други земји - Либан, Мексико, САД, чекаат да се надмине ситуацијата - дел од нив да ги довршат студиите, а дел од нив да добијат документи дека ја завршиле Академијата. Од Министерството за образование и наука објаснуваат дека се залагаат за разрешување на проблемот со функционирањето на Институтот за филм во Охрид.
- За таа цел формиравме работна група со обврска да ја скенира состојбата на оваа високообразовна установа и да предложи соодветно решение. Информацијата, која е подготвена врз основа на таа анализа, ќе биде проследена до Владата каде што ќе биде донесена конечна одлука поврзана со студентите чие студирање беше прекинато, не по нивна вина - велат од МОН.
Оттаму објаснуваат дека иако првичниот предлог е студентите од оваа установа да се префрлат на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде што има одличен кадар, солидна опрема, доволен број и доволно квалитетни студенти и таму да ги завршат отпочнатите студии за областа за која имале интерес, сепак, конечната одлука ќе се донесе по разгледувањето на сите аспекти на ова или, пак, на евентуално други предложени решенија во меѓувреме.


Кренаре Невзати-Кери на дипломската претстава

Речиси нема студент на Факултетот за драмски уметности од Скопје кој не бил нејзин студент во изминатите 25 години. Професорката Кренаре Невзати-Кери е магистер по режија на балет со диплома од престижниот конзерваториум „Николај Римски Корсаков“ во Санкт Петербург (тогашен Ленинград). Таа е скромна личност во чија канцеларија на ФДУ, освен понекој костим, нема закачени дипломи, признанија, фотографии, но има фотографија од Чарли Чаплин. Таа ни ја раскажа нејзината приказна во рубриката „Кога бев студент“, што Факултети.мк ја создава заедно со „Пивара Скопје“.
Кренаре Невзати била прогласена за најдобар студент на генерација! Волшебни пет години ѝ се случиле во градот на уметноста, за кои вели: „Посакував никогаш да не завршат“. За жал, ѕвездената прав брзо паднала и се удавила во балканскиот национализам.
Таа е по потекло од Косово, а тоа во Белград во 90-тите години на минатиот век не било пожелно. Од мала се занимавала со балет, но нејзина голема љубов била глумата.

Била многу фокусирана на студиите, но и се дружела со колегите.
- Знаев дека пијам вода од изворот, тој багаж што го добив, начинот како се работи, каков пристап треба да се има кон луѓето. И немаше простор за импровизации. Во четврта година на студии во посета ни дојдоа врвни педагози од Америка (Горбачов во тоа време ги отвори границите). Јас знаев англиски јазик и им преведував. Им покажавме што работиме. И моите професори рекоа дека јас сум светска надеж. Ми понудија по студиите да заминам на Петта авенија на Менхетн, во некој театар. Но, дојдоа лоши години и почнуваше војната во Југославија и јас не успеав да стигнам до Америка - вели Невзати.


Васил Кузмановски

Хемијата е негова голема љубов. Средношколецот Васил Кузмановски неодамна го доби признанието „Феникс“ од Општина Центар за постигнување во хемијата. Ученикот од гимназијата „Орце Николов“ вели дека е позитивно изненаден од признанието и дека тоа го поттикнува да работи уште понапорно во сферата на природните науки.
Васил лани го освои првото место на манифестацијата „Денови на науката“ со својот експеримент „Солватирани електрони во течен амонијак“, тогаш како ученик на ОУ „Гоце Делчев“. Со нов експеримент претстојниот викенд тој ќе учествува и на истата манифестација што ја организира Природно-математичкиот факултет во Скопје.
За наука почнал да се интересира од мал.
- Рано научив да читам, а и пред тоа слушав кога родителите, а главно баба ми, ми раскажуваа и објаснуваа. Околу седмо одделение одлучив малку повеќе да се насочам кон некоја наука, па избрав хемија. Причината беше достапноста за експерименти. За поинтересните области од биологијата, како генетички инженеринг, тие се недостапни, а физиката е поматематичка наука, каде што експериментите се само краен чекор на некое истражување, а сами по себе не се многу интересни - вели Васил.

Ѕирнавме во печатницата „Датапонс“ каде што се печати фамилијарната „Игра на знаења“

Популарната фамилијарна „Игра на знаења“, производ од „Светот на Биби“ што во рекордно време се продаде, добива ново пакување, а збогатена е со уште шеесет нови карти со активности. Низ нашиот објектив ѕирнавме како се изработува оваа игра со која децата на интересен начин учат заедно со Биби, Боби и нивните другари.
„Игра на знаења“ финалниот лик го добива во печатницата „Датапонс“ (Data Pons), единствената што веруваше во овој производ. Вработените нѐ прошетаа низ погоните и ни објаснија како се изработуваат картите, фигурите со Биби, Боби, Зази и самовилата Луна, картонската обвивка, подлогата која за некои играчи е многу среќна, а некои мора да прават стомачни вежби и по неколку пати...

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот