Ракот е една од најтешките здравствени битки со кои се соочуваат луѓето. Иако докторите и научниците развија многу третмани, како што се хемотерапија, зрачење и нови таргетирани лекови, не секој пациент реагира добро.
Кај луѓето со леукемија или лимфом третманот е уште потежок кога стандардните опции престануваат да функционираат. Затоа, истражувачите постојано бараат нови и поефикасни начини за борба против болеста.
Научниците од Универзитетот во Минесота направија откритие што би можело да донесе голема разлика. Тие се фокусираа на дел од нашиот имунолошки систем наречен природни клетки-убијци. Овие клетки функционираат како телохранители и постојано внимаваат на опасните клетки, како вируси и рак, и ги напаѓаат кога ќе ги најдат.
Проблемот е што кај многу пациенти со рак овие природни клетки-убијци не се доволно силни за целосно да ги уништат канцерогените клетки. Лекарите и порано се обидувале да ги користат како третман, но резултатите биле различни, па кај некои пациенти имало подобрување, а кај некои не.
Тимот од Минесота реши да проба нешто поедноставно: наместо сложени промени на клетките, додаде нешто добро познато - витамин Б3, познат и како никотинамид.
Овој витамин обично е познат по тоа што му помага на телото да ја претвори храната во енергија. Но, во лабораторија истражувачите откриле дека кога ги третирале природните клетки-убијци со витамин Б3, тие станале посилни и поактивни. Побрзо ги пронаоѓале канцерогените клетки и поефикасно ги уништувале. Дополнително, витаминот ги заштитувал, овозможувајќи им да траат подолго во телото.
Витаминот Б3 има интересна медицинска историја
Научниците потоа го тестирале овој пристап на вистински пациенти. Работеле со 30 лица со тешко излечиви карциноми на крвта. Резултатите биле охрабрувачки.
Кај група од 19 пациенти со еден вид лимфом 11 доживеале целосно оздравување по третман со клетки-убијци зајакнати со витамин Б3, а уште 3 покажале делумно подобрување. Овие промени се случиле за помалку од еден месец, носејќи надеж и кај докторите и кај пациентите.
Витаминот Б3 има интересна медицинска историја. Во 30-тите години докторите откриле дека луѓето со недостиг на овој витамин развиваат сериозна болест наречена пелагра, која предизвикувала кожни проблеми, дигестивни нарушувања и ментална конфузија.
Додавањето витамин Б3 во исхраната било едноставно решение што спасило безброј животи. Денес, децении подоцна, научниците покажуваат дека истиот витамин може да одигра важна улога и во современото лекување на ракот.
Следниот чекор е оваа метода да се тестира на поголеми групи пациенти за да се потврди нејзината безбедност и ефикасност. Доколку идните испитувања ги потврдат резултатите, третманот би можел да стане нова опција за пациентите што немаат избор.
Извор:
Knowridge.com
Фото: Freepik