X
 03.09.2025 Наша тема

Интервју со проф. д-р Мишела Темков, продеканка за настава: „На ТМФ вистински се вложува во иднината на младите инженери и технолози“

„Мојата цел е да придонесам кон создавање силна врска помеѓу науката и практиката, но и да инспирирам нови генерации инженери и истражувачи кои ќе бидат двигатели на иновации и одржлив развој во прехранбената индустрија“, вели вонредната професорка д-р Мишела Темков, продеканка за настава на Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Најдобро го познава напредокот на ТМФ зашто таму дипломира на насоката Прехранбена технологија и биотехнологија. Магистрира прехранбено-процесно инженерство на Универзитетот во Авињон, Франција, а докторските студии ги заврши на Универзитетот за прехранбени технологии во Пловдив, Бугарија. Заврши повеќе специјализирани обуки и студиски престои во Полска, Франција, Белгија, Велика Британија и Романија. Повеќе од една деценија е во наставната и научноистражувачката работа. Дел е од академскиот кадар на ТМФ од 2012 година, предава предмети поврзани со прехранбената технологија, биотехнологијата и пакувањето на храна.



Од 2023 година сте продекан за настава на ТМФ, кој беше мотивот да ја прифативте оваа функција?

Мојата мотивација произлезе од желбата да бидам двигател на позитивни промени. Верувам дека факултетот не е само место за пренос на знаење, туку и средина каде што младите луѓе треба да се охрабрат да размислуваат креативно, критички и интердисциплинарно. Прифатив затоа што сакав да придонесам за модернизација на наставата, за поголема поврзаност со индустријата и за создавање услови студентите да ги откријат својата иновативност и потенцијал. За мене, тоа е најголемата инспирација – да гледам како од нашите училници излегуваат идни лидери и експерти кои ќе носат одржливи решенија во македонската индустрија.

Што како продекан направивте за подобрување на наставата?

Моите активности за унапредување на наставниот процес беа насочени кон модернизација на курикулумите, нивно усогласување со европските стандарди и потребите на индустријата, поттикнување повеќе практична настава во соработка со компании, како и развивање програми на англиски јазик за интернационализација на факултетот. Со тоа се стремиме да создадеме студиски програми кои се современи и динамични за обезбедување квалитетни кадри.



Зошто студентите треба да студираат на ТМФ?

Кај нас образованието не е само на хартија или во учебник, туку е длабоко поврзано со реалниот живот и современите индустриски предизвици. На факултетот се спојуваат различни области како инженерството, технологијата и економијата – и така се создаваат иновативни студиски програми. Многу од овие студиски програми се создадени интердисциплинарно во соработка со други престижни факултети и институти на УКИМ. Дел од студиските програми се достапни и на англиски јазик, што им помага на студентите да се вклучат во глобалната академска заедница и да имаат поголеми можности за мобилност и меѓународна соработка. Практичната настава, која се спроведува директно во индустријата, им овозможува да стекнат вредно искуство и да бидат подготвени за барањата на пазарот на труд. Факултетот постојано ги усовршува студиските програми, правејќи ги да одговараат на европските стандарди и на потребите на модерната индустрија. Ова е место каде што вистински се вложува во иднината на младите инженери и технолози.

ТМФ изобилува со студиски програми, кои се понови?

Особено значајна е новата модерна програма Металуршко дигитално инженерство, резултат на интердисциплинарност помеѓу Технолошко-металуршкиот и Факултетот за електротехника и информациски технологии, Машинскиот факултет и Економскиот институт. Таа обезбедува мултидисциплинарен пристап и интегрирана експертиза во образованието. Модернизирана е и постдипломската програма Инженерство на храна - иновации, одржливост и технологии, која ја поддржува развојната перспектива во прехранбената индустрија со фокус на иновативни и одржливи технологии. Клучна предност е практичната настава поддржана од Швајцарска Амбасада преку проектот „Образование за поголемо вработување“, која се спроведува во индустријата. Студентите имаат можност да стекнат искуство во реални производствени процеси и да се запознаат со најновите технологии.



Факултетот создава кадри за индустријата, па дали ги насочувате идните инженери да размислуваат за еколошки решенија?

Една од најважните работи што Технолошко-металуршкиот факултет ја прави во последно време е организирањето на меѓународната конференција GREENCIRC. Таа ги собира најдобрите истражувачи, професори, луѓе од практиката да разговараат и да ги споделат најновите идеи за одржливи технологии и зелена економија. Преку оваа платформа се отвораат нови можности за соработка и развој на иновативни решенија кои ќе придонесат да го направиме светот малку позелен. ТМФ организира и хакатони каде што младите студенти можат да ги покажат своите идеи за зелени решенија. И уште повеќе, сакаме да ги вклучиме и средношколците преку натпреварот „Материјали на иднината“, чија цел е да ги инспирира младите да се заинтересираат за наука и технологии преку практични проекти со нови материјали.



Дали студентите имаат можност за меѓународна размена?

Тие имаат шанса да студираат и да стекнуваат искуство надвор од нашата земја преку различни програми: Еразмус+, COST и CEEPUS. Преку Еразмус+ програмата факултетот има потпишано договори со универзитети од многу земји – Италија, Шпанија, Словенија, Германија, Унгарија, Турција, Бугарија, Романија, Франција, Австрија и други. Нашите студенти можат да поминат семестар или повеќе на овие престижни универзитети, а истовремено овде имаме и студенти од странство кои доаѓаат кај нас да студираат или да ги изработат своите дипломски работи. Таков случај имавме минатиот семестар со двајца студенти од Универзитетот „Клод Бернард“ од Лион, Франција. Студентите имаат можност да одат и на пракса или стажирање во странство. Аплицирањето е едноставно и добро организирано преку координаторите на факултетот, а потребна е документација како мотивациско писмо, доказ за познавање на јазик и договор за престој или пракса. Истите овие програми овозможуваат и размени на наставен кадар, што дополнително ги збогатува предавањата.



Имате богато меѓународно научноистражувачко искуство, дали успеавте да го применете на факултетот?

Сум имала поголеми студиски престои во Бугарија, Романија, Франција и Велика Британија. Еден од значајните престои беше во Далтон Камбријан институт, Универзитетот во Манчестер, Камбрија, Велика Британија во 2021 година, во рамките на проектот „Спасување на планетата чекор по чекор: намалување на отпадот од храна со помош на интелигентно пакување“, каде што стекнав искуство со развој и примена на интелигентно пакување, екстракција и анализа на биоактивни соединенија, креирање хидрогелови со помош на радијација, како и дизајн на експериментални протоколи со практична индустриска примена. Вториот значаен престој беше во ONIRIS – Национална школа за ветеринарство, земјоделство и исхрана, Нант, Франција, во рамките на проектот „Сензорско оценување на леб со кисело тесто“, каде што стекнав искуство со организација и спроведување сензорски анализи на храна, оценување на ситоста и корелација на чувството на ситост со допадливоста на храната. Дел од стекнатото искуство го пренесов на факултетот, особено во областа на сензорската анализа, преку студентски проект за сензорска оцена на чоколадо со инулин, чиј резултат беше презентиран на конференцијата FoodTech 2024 во Нови Сад. Овој престој и проект ми овозможија да воведам нови лабораториски практикуми, да организирам студентски истражувачки проекти со практична примена и да поттикнам интердисциплинарен пристап во наставата и истражувањата на факултетот.




Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, надвор од овие услови или без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само со дозвола од редакцијата и со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица од текстот.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема