X
 03.11.2020 Здравје

Зошто постојано сте истоштени иако доволно спиете?

Сите би сакале да спиеме барем осум часа за да бидеме одморени во текот на денот. Но понекогаш тоа е невозможно. Згора на тоа, има денови кога тие осум часа не се доволни за да се одморите. Може да се чувствувате психички исцрпени и уморни без разлика колку спиете. Еве неколку причини зошто сте уморни иако доволно спиете.

Напорна работа

Професиите што бараат работа под притисок, како оние во областа на медицината, се очигледна причина за стрес кој прави постојано да се чувствувате уморни. По долгите работни часови или донесувањето тешки одлуки во кризни ситуации треба да следува период на одмор и релаксација.

Долго работно време

Честите долги работни денови може да ве исцрпат толку многу што ќе ви биде потребен долг одмор за да се вратите во нормала. Многу професии вклучуваат вакви долги работни денови сезонски, но доколку поминувате многу време работејќи во текот на целата година, менталниот умор може да стане хроничен.

Финансиски стрес

Од очигледни причини, проблемите и грижите за финансиите може да предизвикаат долгорочен стрес, што може да доведе до чувство на исцрпеност. Како може да уживате во животот ако не може да си ги дозволите работите во кои уживате? Без разлика колку долго спиете, ќе се чувствувате уморни доколку ве мачат финансиските проблеми.

Незадоволство од работата

Кога се прашувате зошто постојано сте уморни, прашајте се и дали сте задоволни од работата. Многу луѓе го поминуваат животот работејќи нешто што не го сакаат. Без разлика дали е во прашање строг работодавец, токсичен колега или напорни клиенти, незадоволството на работното место може да влијае и врз приватниот живот и здравјето.


Фото: Pixabay

Неред

Можеби природно сте неуредна личност или немате време да се организирате, но нередот може да доведе до ментална исцрпеност. Организираниот работен простор и мирната работна околина придонесуваат за продуктивност и задоволство од работата.

Одложување на обврските

Кога сте уморни, можеби ве вознемирува некоја обврска што ја имате или треба да ја имате. Долгото одложување на обврските може да предизвика стрес и да ве исцрпи.

Хронична болка или болест

Животот со стрес е тежок, но доколку имате хронична болка во одреден дел од телото, стресот може да има уште поголемо негативно влијание врз вас. Сето ова предизвикува чувство на незадоволство и горчина што може да уморува.

Загуба на близок

Да се загуби близок пријател или член на семејството е нешто што не станува полесно. Многу луѓе се обидуваат да бидат силни, но ова може да ги уморува. Бидете искрени со себе и зборувајте за ситуацијата. Ако сами поминувате низ тоа, може да бидете истоштени.

Немање цел

Животот треба да има цел. Секој поединец има цел што е уникатна, без разлика дали е водена од религијата, професијата или нешто друго. Без цел во животот, лесно е да се падне во депресија, што доведува до ментална истоштеност.

Автор: Кајл Џ. Бренан
Извор: lifehack.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје