X
 03.12.2017 Живот

На тинејџерите им се неопходни десет часа квалитетен сон

Недостигот на сон е најчестиот тинејџерски здравствен проблем кој еднакво влијае врз нив и врз нивната околина, тврдат научниците. Светската здравствена организација проценува дека на секои десет години децата влегуваат во пубертет три месеци порано, па сега тинејџерската возраст почнува веќе меѓу деветтата и дванаесеттата година.

Меѓу многубројните физички и психички промени што настануваат на таа возраст, истражувањата покажале дека типичното тинејџерско однесување, подготвеноста за расправија, раздразливоста, дрскоста кон родителите – можат да се објаснат со недоволно количество на сон. Ретки се оние што спијат по десет часа на ден, колку што им е потребно на нивното тело и на умот, бидејќи просечниот тинејџер денес спие само по шест часа дневно.

Затоа и повеќето тинејџери имаат намалена концентрација и помнење, емоционално се нестабилни и покажуваат повисока склоност кон депресија, зголемена агресивност, непримерно однесување, проблеми со кожата, поголема потреба од нездрава храна, кофеински и енергетски пијалаци, зголемен ризик од употреба на дроги и сл.

Следете колку часа спие вашето дете навечер и мотивирајте го да легнува и да се буди во исто време. Се разбира, во текот на викендите може да има поголема слобода, но најдобро е при будењето да нема поголема разлика од два часа во споредба со вообичаеното време. Смислете некаков интересен систем на наградување со кој ќе го поттикнувате да влезе во здрав ритам на спиење и будење. Не се препорачува читање или гледање содржини кои се вознемирувачки и кои можат да придонесат за расонување. Најдобро е еден час пред спиење да не се гледа во никаков екран, затоа што тие емитираат сина светлина која ја спречува синтезата на хормонот што е неопходен за здрав сон.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот