X
 03.12.2025 Наша тема

Дарко Трајков освои бронзен медал на Светското првенство во брзо примање и предавање на морзеовите знаци: „Морзеовата азбука е тешка, секоја буква е различен звук“

Дарко Трајков од Кавадарци освои бронзен медал на Светското првенство во брзо примање и предавање морзеови знаци, кое се одржа во Игало, Црна Гора. Тој се закити со медал во дисциплината прием на радиоаматерски знаци.

Дарко повеќе од петнаесет години е дел од македонската репрезентација, а досега освои голем број признанија, меѓу кои и титулата европски првак, а во истата дисциплина бил и второрангиран во светот.

- Желбата за радиоаматеризмот, односно за изучување на Морзеовата азбука ми е уште од детските денови, поточно од 4. одделение. Желбата се роди на тој начин што мојот татко е радиоаматер долги години и гледајќи го него како оди на натпревари и постигнува резултати, одржува радиоврски на радиостаницата во клубот, на некој начин сакав да го достигнам него, а воедно да бидам и подобар - сподели Дарко Трајков за Факултети.мк.

Обуката за брзо примање и предавање морзеови знаци, односно изучување на Морзеовата азбука ја поминал во радиоклубот „Искра“ во Кавадарци.

- Имаше презентација од страна на презентери од Народна техника од Кавадарци во основното училиште „Тошо Велков-Пепето“, каде што секој ученик можеше да се запише на: фототехника, радиотехника, ототехника, но мене ми се виде интересна радиотехниката. И така се пријавив на тогашниот шестмесечен курс, каде што за рекордно време ја научив азбуката од мојот наставник Младен Марковски. Би истакнал дека Морзеовата азбука е многу тешка бидејќи секоја буква има различен звук, додека тоа што јас го примам е со многу голема брзина (неразбирливо) и за луѓе што ја знаат азбуката, па затоа и постигнувам врвни резултати - открива Дарко.



За учество на меѓународни натпревари, мора континуирано да се подготвува во текот на целата година во радиоклубот „Искра“, но исто така се подготвува и дома на неговиот компјутер со цел да биде поспремен пред борбата за медали.

- Во ХСТ (High speed telegraphy) брзо примање и предавање знаци од Морзеовата азбука постојат четири дисциплини: прием на текст, предавање на текст, Руфз и Морзе ранер. Сите дисциплини се такви што доколку направиш мала пауза, потоа треба многу време за да се вратиш во форма - вели Дарко.

За освојување на едно од првите три места навистина е потребно многу вежбање, како и во секој спорт, додава тој.

- Јас секогаш велам дека не е мала работа да се биде меѓу првите во светот. Почнувајќи од 2006 година, со мали паузи, секогаш учествувам на државни, балкански, европски и светски првенства во зависност од тоа каде, кога и какви натпревари се организираат. Најмногу од моите успеси и медали ги имам освоено во дисциплините Руфз и Морзе ранер - истакна Трајков.



Нашиот натпреварувач вели дека да се освојуваат медали во боите на македонското знаме е незаменливо чувство, особено кога се свират химните на државите и се доделуваат медалите.

- Убаво е од толку многу држави и учесници да се види како се виори македонското знаме. За ваков тип натпревари најчесто средства обезбедуваме на локално ниво или преку спонзори, доколку побараме помош и навреме известиме од радиоклубот. Оваа година се натпреварував со сопствени средства и горд сум на мојот успех. Мојата категорија сениори е најмногубројна и има најмногу искусни натпреварувачи - вели Дарко.

Успесите на Дарко Трајков од Кавадарци треба да се поттик за помладите да се занимаваат со радиоаматеризмот, но тој вели дека нема голем интерес кај граѓаните. Затоа, според него, добро би било радиоаматеризмот да се воведе во образованието.



- Нема многу голем интерес кај граѓаните. Се има случувано ученици да се запишат во радиоклубот, да научат 10 букви и да се откажат бидејќи азбуката е тешка, но обично секогаш има некој од помладите што останува докрај со ова хоби. Убаво е радиоаматеризмот да се воведе барем во осново образование, но мислам дека тоа е широка тема на размислување. Сепак, потребна е посебна училница, радиоаматерска опрема и предавачи кои ја знаат азбуката. Но, добро би било во сите градови од државава да има активни радиоклубови како што имало во минатото, и кој е заинтересиран, да може да се запише на радиотехника и да ја научи азбуката, па подоцна може и да се натпреварува во ХСТ натпреварите - порача Дарко.

Негови најголеми успеси се прво место на Европско првенство и второ на Светско првенство во дел од дисциплините во кои се натпреварува. Следна цел му е златен медал.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема