X
 04.01.2021 Образование

Царовска: Нови вработувања на институтите на ПМФ

Министерството за образование и наука оваа година има 12 отсто повисок буџет за наука, но исто така ќе продолжи да инвестира и во научен кадар, рече министерката Мила Царовска по денешната посета на Ботаничката градина при Природно-математичкиот факултет во Скопје, соопшти МОН.

- Она за што дискутиравме и во Министерството пред некој месец беше дека им недостига човечки потенцијал. За да создаваат наука, да може да се развиваат, потребни им се луѓе, потребни се научници кои од претходни студенти ќе станат дел од академскиот свет и понатаму ќе ја развиваат науката. И токму затоа, заедно со Министерството за финансии, со премиерот Зоран Заев, успеавме да обезбедиме согласности, со цел тие да остварат вработување, но и понатаму да вложуваат. Затоа што науката мора да се развива. Со години имавме застој во вложувањата, и во човечкиот потенцијал кој треба да создава наука, но и финансиски инвестиции за да може да се учествува и на меѓународни и на домашни научни проекти. Токму затоа, во Буџетот на Министерството за 2021 година има 12 проценти повеќе финансиски средства за наука - изјави министерката Царовска.

Во тек е процесот на утврдување критериуми кои центри за извонредност и кои национални проекти би се избрале за да се инвестира во нив. Царовска нагласи дека ќе следи нов, системски пристап кон инвестиции во наука, како значаен сегмент поврзан и со економијата во државата, но и со развој на човечкиот потенцијал и капацитет.

В.д. деканот на ПМФ, Валентин Мирчески, рече дека конечно е разбрана потребата за кадровско зајакнување на факултетот.
-По толку години отсуство на вработувања на академски кадар, на технички кадар, од Министерството конечно добивме серија вработувања. Започнавме една исклучително важна дебата и во контекст на состојбата со научноистражувачкиот сектор, со финансирањето на науката, и се надевам дека и во тој сектор ќе имаме квалитативно поместување нанапред, дека конечно ќе видиме активни програми кои ќе ја поддржат научноистражувачката работа во нашата земја - изјави Мирчески.
Раководителката на Институтот за биологија, проф. Рената Ќуштеревска, која е и одговорна за Ботаничката градина, нагласи дека вработувањата на тројцата млади луѓе следуваат по децениска заборавеност на Институтот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование