На 3 февруари 1959 година американските музичари Бади Холи, Ричи Валенс и Биг Бопер (Џ.П. Ричардсон) и пилотот Роџер Петерсон загинаа во авионска несреќа. Во 1971 година Дон Меклин ја напиша песната „American Pie“ за оваа трагедија, со што денот на несреќата беше запаметен во историјата на рокенролот како „денот кога умре музиката (the day the music died)“.
Бади Холи, Ричи Валенс и Биг Бопер беа на турнејата „Зимска денс забава“ - 24 концерти за 24 дена, а преостанатите музичари со кои ја делеле сцената, како што се Карл Банч, Дион и Белмонтс, Френки Сардо, Томи Алсуп и Вејлон Џенингс, патувале со автобус.
„Писмо-глава“
Тоа било преправен училишен автобус кој немал уред за затоплување и постојано се расипувал, па Холи, изморен од патувањето, сакајќи да се одмори и да испере нешто од својата облека, решил да изнајми мал авион со четири седишта за да ги однесе до нивната следна свирка во Фарга, Северна Дакота.
Биг Бопер „освои“ едно од трите места на летот затоа што бил болен, а Алсуп и Валенс играле „писмо-глава“ со паричка за третото слободно место. Потоа Холи го задевал Џенингс и на шега му кажал дека се надева оти ќе замрзне до смрт во автобусот, на што Џенингс одговорил со зборовите кои засекогаш ќе го прогонуваат: „Се надевам дека ќе ти се урне авионот“.
„Бичкрафт бонанза“ се урнал неколку минути по полетувањето во близина на Мејсон Сити поради слабата видливост и лошите временски услови, а пилотот изгубил контрола над леталото. Преостанатите музичари пристигнале во Фарго со нивниот автобус изутрината и дознале за трагедијата. Медиумите веќе почнале да известуваат, а сопругата на Бади Холи ја слушнала веста на радио, по што била воведена практиката прво да се информира семејството.
Бади Холи е еден од првите музичари што е примен во Рокенрол куќата на славните, а во 2001 година му се придружи и Ричи Валенс. Најголемата трагедија во историјата на тогашниот сосема млад рокенрол стана тема на неколку документарни и биографски филмови, но најголемата почит за загинатите музичари без сомнение е песната „American Pie“ на Дон Меклин.
Извор: punkufer.dnevnik.hr
Фото: YouTube screenshot