X
 06.10.2019 Образование

Академската фела е разочарана, средношколци имаат изум за прочистување воздух, какoв студент бил Симон Трпчески...

Различни теми од образованието работевме и истражувавме во неделата што измина. Македонската јавност дозна повеќе за тројцата средношколци од гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Скопје, кои заедно со својот професор по физика создадоа изум за прочистување на воздух што би можел да се стави на оџаците. На почетокот на новата академска година направивме анализа на состојбите во високото образование. Се занимававме и со прашањето зошто доколку пациент оди на приватен специјалист, вашиот матичен доктор одбива да ви напише рецепт за лекот што ви треба на државен трошок.

Нашиот пијано-виртуоз Симон Трпчески ни ја раскажа неговата студентска приказна во рубриката „Кога бев студент“, која ја работиме заедно со „Пивара Скопје“.
Симон Трпчески сигурно немал дилеми дали да се запише на Факултетот за музичка уметност. За овој виртуоз се чинело сосема нормално средното музичко образование да го продолжи на музичка академија. Ако се знае и дека дипломирал со просечна оценка 10 или кум лауде, тогаш не е проблем да се претпостави и дека на професорите им било задоволство да го имаат во своите предавални. Вели: „Моите професори најдобро знаат каков студент сум бил“.
- Но, дури и да звучи нескромно, ќе ви кажам дека јас отсекогаш бев професионален тип. Бев првенец на генерација и во средно, а на ФМУ, исто со просек 10 кум лауде. И најмлад доцент во историјата на Универзитетот бев, барем како што ми кажаа - вели Трпчески.

Симон Трпчески

Салонот за нега на миленици „Ту ту“ е едно од ретките места во земјава чии врати се отворени и за муштериите и за нивните сопственици. Ќе ве пречекаат опуштени и насмеани млади луѓе, расположени и за работа и за муабет. Во работна униформа со ликот на Снупи од легендарниот цртан филм „Снупи и Чарли Браун“, тие се обидуваат да воведат нови стандарди во хигиената и одржувањето на кучињата и на мачките.
Речиси осум месеци се обидуваат во земјава да наметнат француски стандарди во грумингот (стрижење и обликување на крзното) и грижата за одржување на косата и влакната на милениците. Грижата е еднаква за сите - и за расните кучиња и за мешани раси.

Миленичињата уживаат во салонот „Ту ту“

Прегледот кај специјалист што работи приватно може да ве чини многу повеќе отколку што ќе платите за оваа услуга. Кога овој лекар ќе ви препише терапија и ќе појдете кај матичниот доктор да ви даде рецепти за да ја земете на државен трошок, ќе бидете одбиени. Матичните не може да издаваат рецепти врз основа на мислењето на приватни специјалисти. Така, или ќе си платите полна цена за терапијата или ќе треба да одите на ист специјалист што работи преку „Мој термин“, т.е. има договор со Фондот за здравствено осигурување, за да потврди дека треба да ги примите тие лекови. Ова чудно правило за кое долго време реагираат и здравствени работници и пациенти чини време, пари, нерви, трчање... Но, останува во сила.

За иронијата да е поголема, пациентот што си плаќа придонеси за здравствено осигурување, а одлучил да оди на приватен специјалист, ќе плати повеќе иако со својата постапка го намалил редот за чекање во „Мој термин“ и ѝ заштедил пари на државната здравствена каса плаќајќи за услуга од свој џеб. Од друга страна, мислењето на приватните специјалисти како да не се признава, иако за некој да може да прегледува, според законските одредби, мора да има лиценца за работа.



Без ново студентско раководно тело, студентски правобранител, Агенција за квалитет во високото образование, Национален совет за високото образование и научноистражувачката дејност и без одбор за акредитација и за евалуација на високото образование денеска почнува новата академска година. Иако Законот за високо образование важи од мај 2018 година, речиси ниту една одредба не функционира во практика.
На 1 октомври на најстариот државен универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во академската 2019/20 година првпат започнуваат со студии околу 7.000 студенти запишани во сите три циклуси. Околу 32.820 студенти има во повисоките години на прв циклус студии, 1.145 студенти на втор циклус студии и 886 студенти на трет циклус студии.

Мартин, Марко и Теофилија се млади иноватори со кои гимназијата „Јосип Броз - Тито“ треба да е горда

Греењето е најголемиот загадувач на воздухот во Скопската Котлина, и тоа загревањето на домаќинствата во најголем дел, покажуваат повеќе научни истражувања. Бидејќи ова е најевтиниот начин на загревање на домовите, тешко дека семејствата во догледно време ќе прифатат друг начин.
Науката бара нови решенија. Бидејќи фабриките користат филтри, логично е да се размислува во таа насока и кога се во прашање оџаците на домовите. Токму оттука тргнале со размислувањата тројцата средношколци од скопската гимназија „Јосип Броз Тито“, Теофилија Стоилковска, Марко Дураков и Мартин Стеванов. Епилог е нивната иновација - филтер што се става на оџак и притоа не дозволува штетните честички да завршат во воздухот.

Вера Битракова-Грозданова

Во чест на проф. д-р Вера Битракова-Грозданова, вчера и денеска во родниот Охрид се одржува научниот собир „Охрид и Балканот, археолошки погледи“, а го организира Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при МАНУ. Учествуваат 40 реномирани научници од земјава и од странство.
Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование