X
 04.07.2020 Наука

Едно место на Земјата станува сѐ постудено

Океаните на Земјата вријат со топлината заробена од сè поголемите количини стакленички гасови. Но, еден дел вода во северниот Атлантик тврдоглаво се опира на трендот и ги намалува температурите.

Студената дамка е предмет на интерес за климатолозите уште откако беше забележана во 2015 година. За жал, сложеностите на циркулацијата на океаните го отежнуваат објаснувањето на појавата.

Нова студија нуди детали за феноменот, откривајќи дека има повеќе од една причина.

Имено, научници од Институтот за метеорологија „Макс Планк“ во Германија примениле долготрајно климатско моделирање за да симулираат неколку конфигурации и да дознаат кои се совпаѓаат со забележаниот пад во температурата.

Еден од факторите што ги идентификувале воопшто не е изненадување, поддржувајќи ги претходните студии кои покажуваат дека водената струја наречена северноатлантската меридијанска превртувачка струја (АМОЦ) значително ослабнала од средината на 20 век.

Кога е со полн капацитет, струјата ги зема потоплите и солени површински води од жешкиот појас во близина на Мексиканскиот Залив кон бреговите на Европа и ги заменува со студена, свежа вода од растопениот мраз.

Што точно може да го предизвикува забавувањето не е јасно, иако некои модели сугерираат дека поголемите количини на растопена вода од Гренланд заедно со сè повисоките глобални температури може да е причина за она што го гледаме.

Потоплите температури ја прават океанската вода поспособна да остане на површината и е помалку веројатно да падне надолу толку брзо, со што се забавува спиралата. Во меѓувреме, добра количина на свежа вода од растопениот арктички мраз и поголемите количини на дожд исто така ги попречуваат циркулирачките струи преку формирање слој на помалку солена вода на површината.

Сепак, има мала можност дека забавувањето може да се враќање на нешто вообичаено, наместо нешто предизвикано од затоплувањето.

За да ги откријат врските меѓу климата на Земјата и студената дамка, истражувачите што ја направиле најновата студија користеле детален планетарен климатски модел за да ги спојат варијациите во енергијата, јаглеродниот диоксид и водата во океаните, почвата и атмосферата.

Симулациите им овозможиле да видат што би се случило ако ја принудат АМОЦ да оди со целосна брзина, оставајќи ја атмосферата сама да дејствува како голем фактор на влијание.

Сигурно е дека имало мал, но забележителен ефект. Како што надојдените води се ладеле, тие произведувале ниски облаци, кои би одразиле радијација која доаѓа, а за возврат дополнително се ладела површината.

Потоа тимот одел со друго сценарио во кое се разгледувал само транспортот на топлина на АМОЦ и било утврдено дека не само што носи помалку енергија, туку и остава повеќе енергија во арктичките циркулирачки водени струи.

Поради некои комплицирани причини, тие субполарни циркулации добиваат брзина, носејќи топлина од АМОЦ и оставајќи ја студената дамка уште постудена.

Сè уште има многу работа за да се создадат овие објаснувања и да се утврди колкаво влијание има нашата желба за горење фосилни горива врз она што инаку би било природен циклус.

Нема сомнеж дека истражувачите уште повнимателно ќе ја разгледуваат силата на АМОЦ во текот на следните години. Но, знаењето како точно функционира овој студен дел од океанот во клима која се менува ќе ни помогне подобро да разбереме што може да очекуваме во иднина која веројатно ќе биде потопла за неколку степени.

Извор и насловна фотографија: Science Alert
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука