X
 29.11.2019 Живот

Зошто Исланд се нарекува леден, а Гренланд зелен?

Дали некогаш сте се запрашале зошто Гренланд, чии три четвртини се покриени со вечен мраз, во своето име ја содржи придавката „зелен“? Од друга страна, пак, Исланд во своето име ги содржи зборовите „мраз“ и „земја“ (Ice, land), но се чини дека е премногу зелен за да му одговара тоа име.

Според една теорија, имињата им се дадени намерно - викинзите што живееле на Исланд го сметале за погоден за живот, но не сакале тоа да го мислат и другите и да се обидат да го освојат. Со името „остров на мразот“ се надевале дека ќе ги обесхрабрат другите европски народи што барале нови места за да се населат.

Исто така, Гренланд го крстиле така за неговото име да сугерира дека е зелен и способен за евентуално одгледување храна, а всушност им било апсолутно сеедно дали некој ќе се обиде да го колонизира тој леден брег во океанот.

Иако звучи логично, историчарите сметаат дека оваа теорија не е баш толку реална.



Фото: Reuters

За да се открие темелот на овој парадокс, истражувачите од „Нешнл џиографик“ одлучиле да анализираат разни легенди, саги и историски записи, заедно со модерните научни факти.

Тие откриле дека викиншките топоними биле многу едноставни. На пример, новооткриената територија најверојатно би добила име со комбинација на зборовите „земја“ и она што прво го уочиле при доаѓањето.

На пример, Леиф Ериксон го именувал канадскиот источен брег Винланд бидејќи видел дека диво грозје расте близу брегот.

Што се однесува до Исланд, според „Сагите на Исланѓаните“, што претставува хроника на историјата и земјата од 9 до 11 век, норвешкиот истражувач Нададор прв стигнал до островот среде Атлантскиот Океан. Она што таму го видел било снег, па местото го нарекол „Snæland“ или „Земја на снегот“.

Викиншкиот колонизатор Гардар Сваварсон ги следел стапките на Надора. Гардар повеќе се занимавал со именувањето на земјите, веројатно правејќи преседан во воспоставената традиција.

Но, причината зошто Исланд носи толку темно име е поврзана со следниот островски колонизатор, Флоки Вилгердарсон. Неговото патување од копното било обележано со смртта на неговата ќерка, која паднала од чамец и се удавила во отвореното море. Набрзо по доаѓањето му умрела и стоката што ја носел со себе. Врв било кога тој се качил на планина од каде што набљудувал фјорд. Депресивен и гневен, ја крстил земјата Исланд.

И покрај неговото настојување да спречи колонизација на островот, по враќањето во Норвешка еден од неговите морепловци почнал да шири шпекулации дека земјата е богата и плодна. Набрзо почнала масовна миграција на Исланд.

Од друга страна, Гренланд бил откриен во 982 година, кога Ерик Црвениот прв дошол на југоисточниот дел на островот. Денес, со анализа на јадрото на мразот и школките можеме да утврдиме дека во периодот помеѓу 800 и 1.300 година просечната температура на Гренланд била значително повисока отколку денес.

Ерик го почнал своето патување бидејќи бил протеран од Исланд откако во расправија убил три лица. Исландскиот стар закон барал смрт или прогонство, па тој избрал живот на отворено море.

Пловејќи кон запад, тој стигнал на брегот на голем остров што го сметал соодветен за населување. Островот го нарекол Гренланд за да ги привлече луѓето да се населат. Значи, името во основа било дел од маркетиншката стратегија на Ерик со која се надевал дека ќе собере доселеници. Секако, во земјата веќе биле населени Инуити, староседелци, кои земјата ја нарекувале Нунаат, што значи „Земја на народот“. Името и денес го користат гренландските Инуити.

Но, предвидувањата поврзани со климатските промени се дека би можело да дојде до радикален пад на температурите на Исланд, додека на Гренланд би можело да дојде до зголемување на температурите. Се предвидува дека тоа ќе се случи во наредните 200 години, па тогаш нивните имиња би можеле да бидат точни.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот