Од денеска почнува нова ера за патарините на хрватските патишта бидејќи се воведува целосно дигитално наплаќање на патарините наречено „Кролибертас“.
Возачите веќе нема да мора да застануваат на наплатни куќички за да платат патарина, а целосна имплементација на системот се очекува до ноември 2026 година. Кога целосно ќе биде имплементиран системот, сите возачи што ќе сакаат да ги користат автопатиштата ќе мора да се регистрираат преку апликација. Таму ќе остават свои податоци, како и податоци од картичка со која ќе плаќаат за патарините.
И понатаму ќе постои системот ЕНЦ (електронска наплата што се врши со помош на уред сместен на ветробранското стакло), кој исто така би требало да продолжи да е поповолен. Туристите што ќе одат во Хрватска на граница ќе имаат посебни ленти за влез, ќе ги оставаат своите податоци, па и потребните за наплата на патарина, и потоа ќе можат слободно да се движат и да ги користат автопатиштата.
Од Хрватски автопатишта истакнаа дека проектот прво ќе почне да се имплементира на автопатот А3, каде што ќе се постават првите 7 портали во состав на имплементацијата на системот. При изведувањето на работите сообраќајот ќе се одвива под привремени сообраќајни регулации, па ако патувате во Хрватска, може да наидете на мали застои и пренасочувања. Сепак, хрватските власти планираат работите да се извршуваат кога нема многу сообраќај, односно навечер.
Имплементацијата на системот „Кролибертас“ е технички и инфраструктурно предизвикувачки проект кој вклучува поставување вкупно 212 портали на автопатиштата, вградување напредна ИТ-опрема, изведување градежни зафати на терен и воспоставување систем во центрите за обработка на податоци. Паралелно со поставувањето на порталите со опрема (камери, антени), ќе се вршат и тестирања за да се осигури функционалност на секој сегмент. По завршувањето на имплементацијата на сите портали и поврзана опрема, ќе следуваат сеопфатни тестирања на целиот систем.
Проектот чини околу 80 милиони евра без ДДВ.
Новиот систем за наплата на патарини ќе овозможи бесконтактна наплата на патарина, па сè ќе оди по електронски пат, без ограничувања во одвивањето на сообраќајот, односно без потреба од застанување на возилата на почетокот или на крајот за да се земе ливче и да се плати, како што е случајот сега.
Извор:
Net.hr
Фото: Freepik