X
 04.12.2023 Култура

Што е вистина, а што мит во филмот „Наполеон“?

Од неодамна во кината можеме да го гледаме филмот „Наполеон“ во кој Хоакин Финикс и Ванеса Кирби ги играат главните улоги. Историчарката Кетрин Естбери ја интересирало што знаеме за романсата меѓу Наполеон и Жозефинa врз основа на историски извори.

Љубовта меѓу Наполеон и жената која ја викал Жозефина е центар на заплетот на новиот филм на Ридли Скот. Веста дека Ванеса Кирби ја глуми Жозефина предизвика дискусија меѓу историчарите. Кирби е 14 години помлада од Финикс, додека Жозефина била 6 години постара од Наполеон. Скот им порача на историчарите да се занимаваат со своите животи, но разликата во годините меѓу Наполеон и Жозефина значително влијаела врз нивните животи и нивната љубов.

Марија Жозеф Роз за време на Француската револуција го загубила сопругот, по што во скромни услови си ги одгледувала двете деца. Ѝ било скратено правото на богатството кое нејзината фамилија го стекнала благодарение на плантажите, како и правото на имот кое ѝ го оставил мажот.

Во тој период била во третата деценија од животот и според општествените конвенции, важела за постаро лице, но правела сѐ што може за да стане дел од повисокото париско општество - се зближила со водечкиот политичар Пол Барас, кој ѝ правел многубројни услуги.

Ја наговориле да се омажи за перспективниот млад корзикански генерал Наполеон Бонапарта, кого целосно го залудела.

Само неколку месеци откако ја запознал и речиси веднаш по нивната венчавка во март 1796 година, генералот бил испратен во Италија со задача да ја предводи Револуционерната војска.

За време на походот тој ѝ пишувал писма и во нив имало толку емотивни уцени што многубројните изливи на љубов повеќе изгледаат како закана отколку како израз на нежност.

- Ниедно писмо ми немаш испратено, не те интересира како ти е сопругот - вели во едно од нив.

-Не добивам новости од тебе и сигурен сум дека веќе не ме сакаш - пишува во друго.

Морала да истрпи многу нешта кога му се придружила во Италија. Наполеон ѝ го следел секој чекор и ѝ ги отворал писмата. Додека повторно да се спојат, неговата љубов се намалила, иако и понатаму сакал да ја контролира. Тој сфатил дека нејзините контакти се корисни и го прифатил фактот дека нема заемни чувства. Веќе во 1797 година романтичните испади ги заменил со поразличен тон и до 1800. писмата веќе имале ладен тон. Ѝ се обраќал формално и со клишеа како „илјада нежности“.

Како жена на славен воен херој, Жозефина ги искористила политичките врски за сопствен интерес, веројатно како средство за спротивставување на контролата која Наполеон сакал да ја наметне над неа до крајот на нејзиниот живот. Противниците, а меѓу нив биле и одредени членови на фамилијата на Наполеон, биле свесни дека парот би можел да биде многу моќен како тим и затоа смислувале секакви сплетки за да ѝ го уништат угледот.

Писмата што му ги праќала на љубовникот Иполит Шарл покажуваат дека нејзината ситуација била многу тешка. Наполеон бил во Египет кога дознал дека таа го изневерува. На почетокот бил бесен, но ѝ простил кога се вратил во Франција, а таа ги поддржала политичките ујдурми со кои на 1799 година, по државниот удар, тој дошол на власт.

Наполеон се потпирал на нејзината мека дипломатија и аристократско потекло за да ги ублажи поделбите кои ја одбележале деценијата по избивањето на Револуцијата. Таа ја заземала главната улога во создавањето нова Франција. Секаде го следела сопругот и будно внимавала да не го привлечат помлади жени. Во 1807 година не ѝ дозволил да го придружува во Полска, каде што започнал долга врска со Марија Валевска, иако неговите писма од тој период покажуваат дека и со Жозефина ги задржал интимните односи. Сепак, разводот бил сѐ поочигледен.

Поради тоа што воспоставил царство, неговата фамилија сѐ почесто му префрлала дека треба да има наследник, а Жозефина не можела да му го даде. Иако не биле веќе толку блиски, Жозефина била скршена кога во 1809 година ја примила веста за разводот.

Разводот бил прикажан како нужна жртва поради потребите на нацијата. Наполеон продолжил да се гледа со Жозефина и да ѝ пишува пред да стапи во брак со Марија Луиза Австриска. Жозефина му честитала за раѓањето на синот во 1811 година, а Наполеон ја посетил во 1812 година пред походот во Русија. Никогаш повеќе не се виделе бидејќи таа починала во 1814 година.

Тешко е да се изнесе конечен суд за нивната врска поради тоа што останале само неколку писма и нема увид во нејзината верзија на приказната. Дали на почетокот го сакала Наполеон: Веројатно не. Дали со време го засакала? Веројатно да. Наполеон се грижел за нејзините деца и ѝ овозможил да им пркоси на годините и критичарите.

Сепак, пред сѐ, веројатно и двајцата повеќе ја сакале моќта отколку што се сакале меѓусебно. Сфатиле дека здружувањето на силите може да им донесе корист и да им го забрза патот до власта.

Извор: BBC 
Фото: Youtube (printscreen)
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура