Музичкото патување „Нека трепка“ на Sarah Mace & The Girlzz и Божиќниот оркестар со четири концерти во декември
Скопје, 04.12.2025 – Последниот месец од годината секогаш е исполнет со желби, еуфорија и споделени моменти кои поврзуваат. Овој декември, празничната сезона и музичката сцена ќе трепкаат од новогодишни звуци и празнична магија.
Една од најпрепознатливите македонски уметници, Сара Мејс, заедно со својот вокален квартет, познат како Sarah Mace & The Girlzz, ќе ѝ подари на публиката празнично музичко искуство преку серија од четири концерти низ Македонија.
Магичното музичко патување започнува на 21 декември во Битола, како дел од манифестацијата „Зимска приказна“, продолжува на 28 декември во Штип, во Домот на култура „Ацо Шопов“, а на 29 декември следува големиот предновогодишен концерт во Македонската филхармонија во Скопје. Патувањето завршува на 30 декември на плоштадот во Крива Паланка.
Продажбата на билетите за концертот во Филхармонија е веќе започната, а сите заинтересирани можат да побрзаат и да ги изненадат пријателите и семејството со уникатно празнично искуство на следниот линк:
https://mktickets.mk/event/sarah-mace-and-the-girlzz/
Девојките од квартетот – Сара Мејс, Ана Петановска, Калина Велковска - Кали и Теа Богатинова - ќе настапат придружувани од Божиќниот оркестар под диригентската палка на Иван Еминовиќ.
Во пресрет на концертите, тие ја објавија и својата нова песна „Нека трепка“. Видеото, снимано на локации во Маврово и Скопје, веќе е достапно на YouTube, а песната може да се слуша на сите дигитални платформи.
А кога ќе помислите дека ова музичко патување е доволно волшебно - пазете се! Магијата ќе продолжи со мали и големи изненадувања кои ќе се појават како од најскриениот џеб на Дедо Мраз.
Не го пропуштајте ова празнично доживување кое ќе остане запаметено и ќе донесе радост за сите сетила.